Брнабиќ-Палмер: Продолжување на дијалогот со Косово е во фокус на српската влада

epa-efe
Ана Брнабиќ /Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Метју Палмер и специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан Мирослав Лајчак, попладнево ќе разговараат со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, од кабинетот на Вучиќ соопштија дека по средбата не се планирани изјави за медиумите, туку ќе биде проследена само соопштение, како и дека претседателот Вучиќ утре во 13 часот ќе и се обрати на јавноста и ќе говори за Косово, претстојните преговори во Брисел, напредокот на Србија на европскиот пат, разговорите со претставниците на опозицијата, важните државни прашања и неговото учество на седницата на Советот за безбедност на 8 јуни.

Во пресрет на средбата со Вучиќ, Палмер денеска оствари средба со премиерката Ана Брнабиќ, на која, како што соопштија од српската влада, таа истакнала дека дијалогот со Приштина е во фокусот на владата, но дека е потребно претходно договорените прашања, како што е Заедницата на српски општини (ЗСО) да се спроведат во дело.

– Белград ги исполни сите свои обврски и очекуваме да го видиме тоа од другата страна, така што дијалогот ќе има смисла. Едно од нив е прашањето за пронаоѓање и идентификување на исчезнати лица и ние сме целосно посветени на целосно решавање на тоа прашање, изјави Брнабиќ.

Палмер на средбата истакнал дека еден од приоритетите на САД е стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и ја пофали улогата на Србија во регионалните иницијативи, што значително ќе го зајакне регионалното економско поврзување.

Како што соопштија од српската влада, Палмер истакнал да фокусот на активностите на САД во Србија ќе биде насочен кон инвестиции во инфраструктурата и во обновливи извори на енергија. Тој ја истакнал и потребата да се осигура медиумското опкружување да овозможи да се слушнат различни мислења.

Палмер денеска имаше средба и со министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, на која Селаковиќ истакнал дека клучниот компромис подразбира одговорен и сериозен пристап и додал дека Србија ќе продолжи да учествува во разговорите со добра волја и дека е подготвена да го продолжи дијалогот.

-Сметаме дека е неприфатливо избегнувањето на Приштина да ги исполни своите обврски, пред се формирање на ЗСО, инсистирајќи само на меѓусебното признавање, изјави Селаковиќ, додавајќи дека сегашната запалива реторика на Албин Курти не придонесува за создавање поволна атмосфера за дијалог, соопштија од министерството за надворешни работи.

По денешните средби во Белград на Палмер и Лајчак и пред неколку дена во Приштина, за утре е најавена посетата на Косово на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот