Бритни Спирс неколку дена пред апсењето ги отпуштила луѓето што се грижеле за неа
Бритни Спирс, неколку дена пред нејзиното апсење поради возење под дејство на алкохол, наводно ги отпуштила луѓето кои се грижеле за неа и ѝ помагале да остане трезна.
Препорачано
Според извештај на ТМЗ, пејачката одлучила да ги отпушти менторите кои ја поддржувале во одржувањето на трезвеноста, веднаш по потпишувањето договор за продажба на правата од својот музички каталог. Тоа се случило по нејзиното враќање во Калифорнија од патување во Лос Кабос.
Наводно, не биле отпуштени само менторите, туку и други луѓе кои се грижеле за нејзината безбедност и благосостојба, меѓу кои и телохранителите што ја придружувале поп ѕвездата.
Извор за ТМЗ изјавил дека нејзиниот тим сега се обидува да формира нова група луѓе кои ќе се грижат за пејачката, која во последно време често споделува видеа на социјалните мрежи на кои танцува.
Да потсетиме, Спирс беше уапсена во средата поради возење под дејство на алкохол. Полицијата ја следела речиси еден час пред да ја приведе.
Според истиот извор, во нејзиниот автомобил била пронајдена и „непозната“ супстанција која во моментов се тестира. Пејачката подоцна била однесена во болница за да ѝ земат крв, по што била пуштена на слобода.
Таа треба да се појави на суд на 4 мај. По апсењето се огласи и нејзиниот менаџер Кејд Хадсон.
– Ова беше несреќен инцидент кој не може да се оправда. Бритни ќе ги преземе потребните чекори и ќе постапи во согласност со законот. Се надеваме дека ова ќе биде прв чекор кон долгоочекуваната промена што мора да се случи во нејзиниот живот. Се надеваме дека ќе ја добие потребната помош и поддршка во овој тежок период – изјави тој.


