Британската влада ја поништи забраната за сместување баратели на азил во хотел во Есекс
Апелациониот суд во Велика Британија денеска ја уважи жалбата на владата и ја укина претходната одлука на Високиот суд со која се забрануваше сместување на баратели на азил во хотелот „Бел“ во Епинг, Есекс, поради обвиненија за сексуален напад против еден од нив.
Препорачано
Со оваа судска победа владата спречи можност за пошироко затворање на хотели низ земјата, но се соочи со остри критики од политички противници, пишува Ројтерс. Лидерот на партијата Реформа на Велика Британија, Најџел Фараж, изјави дека „нелегалните мигранти под Кир Стармер имаат повеќе права од Британците“.
Иммиграцијата стана едно од доминантните политички прашања во земјата, која годинава бележи повеќе од 28.000 пристигнувања преку Ламанш. Во моментов, според официјални податоци, над 32.000 мигранти се сместени во повеќе од 200 хотели низ Велика Британија.
Владата најави дека до следните избори во 2029 година ќе ги затвори сите овие објекти, но правните експерти предупредуваат дека државата има законска обврска да обезбеди сместување на барателите на азил во согласност со Европската конвенција за човекови права.
Противниците на оваа политика предупредуваат на ризици за локалните заедници, посочувајќи случаи на кривични дела во кои биле инволвирани мигранти. Во Епинг и натаму продолжуваат протестите, а за викендот се најавени нови демонстрации.


