Илустрација / Фото: Rawpixel

Брачна двојка од Загреб доби дете со сурогат-мајка од Украина: Во Хрватска не го признаваат за родено

Брачна двојка од Загреб која со големи тешкотии доби дете минатата година, со помош на сурогат мајка од Украина, сега се бори со домашниот правен систем, кој не сака да го регистрира нивното дете во Матичната книга на родените. Станува збор за сопружници кои решиле да бараат жена која ќе им роди дете надвор од границите на Хрватска. Бидејќи сурогат мајчинството не е дозволено во Хрватска, тие се поврзале со Украинка. Минатата година во август, таа родила син на кој му е издаден извод од Матична книга на родените во Украина, објави Индекс.хр.

Иако после тоа се чинеше дека треба да следи среќно враќање во Хрватска, сопружниците се најдоа во проблем бидејќи хрватската амбасада во Украина го одложи издавањето патна исправа. Семејството едвај успеа да излезе од Киев, кој тогаш беше погоден од ракети, како и денес.

Кога конечно пристигнале во Хрватска, таткото поднел барање за последователна регистрација на фактот на раѓање. Покрај тоа, го поднел и изводот од Матичната книга на родените за детето, во која тој и неговата сопруга биле наведени како татко и мајка. Сепак, матичното биро ги одбива бидејќи во меѓувреме добило известување од Амбасадата на Република Хрватска во Киев за раѓање на дете со помош на сурогат мајка.

„Не можевме да го игнорираме тоа известување бидејќи станува збор за известување од надлежниот орган на Република Хрватска“, велат во одлуката претставниците на Министерството за правда.

По одбивањето на хрватските власти, двојката поведува спор во Управниот суд, но паралелно поднесува и тужба до Уставниот суд на Република Хрватска. Во неа наведуваат дека правото на детето е повредено бидејќи тој е единствениот што не може да го оствари правото да биде запишан во Матичната книга на родените, што пак го спречува да го оствари правото на здравствена заштита, која на детето очајно му е потребна.

Додека се води првата правна битка, родителите кај приватни лекари го лекуваат детето.

Уставните судии сега заклучија дека правото на бебето на семеен живот навистина е прекршено. Таа одлука на Уставниот суд би можела да значи пресврт во случајот и да им овозможи на родителите конечно да го решат проблемот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот