Божиќно примирје 1914: Кога Западниот фронт замолкна
Во најкрвавата војна што Европа некогаш ја доживеала, на Западниот фронт се случи нешто незамисливо: на Бадник 1914 година, германските и британските војници престанаа да се борат и заедно го прославија Божик.
Декември 1914 година. Првата светска војна беснее веќе пет месеци. На Западниот фронт се води исцрпувачка рововска војна – од едната страна агресорот, германската армија, а од другата страна армиите на Франција, Белгија и Велика Британија. Фронтот се протега од Ламанш, преку Белгија и Франција, па сè до границата со Швајцарија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Милиони војници се во ровови, од двете страни – понекогаш на само триесет метри оддалеченост. Стаорци, вошки, студ и лоша исхрана им ги кинат нервите, смртта е сеприсутна. Помеѓу непријателските линии, минските полиња и бодликавата жица – се протега калливата пустина на ничија земја, каде што, недостижни, лежат телата на нивните паднати соборци.
Отрезнување на фронтот
Војната веќе одзеде животи на стотици илјади војници – растргнати од гранати, покосени од рафали од митралези, избодени со бајонети во борба гради в гради.
Претежно млади мажи, тие отидоа во војна еуфорично, сигурни во брза победа. Германскиот император Вилхелм II ветил дека повторно ќе бидат дома со своите семејства за Божиќ.
И Французите и Британците им верувале на слоганите на своите водачи, кои ветувале брзо враќање дома. Но, на фронтот, брзо следело отрезнување.
24 декември 2014 година во близина на Ипр
Секој ден ја гледаа смртта в очи, дури и на 24 декември. И тогаш се случува нешто неочекувано. Среде ледена декемвриска ноќ, германски војник во ров, недалеку од белгискиот град Ипр, одеднаш ја започнува песната „Тивка ноќ, света ноќ“. Сè повеќе другари му се придружуваат.
Британците од другата страна на ничија земја не можат да си веруваат на ушите. „Тивка ноќ“ – песната е позната и во Англија. Тие навистина не им веруваат на „Хуните“, како што ги нарекуваат Германците – дали е тоа трик, обид да ги намамат во стапица?
Но, потоа и тие аплаудираат и почнуваат да пеат. Германците одговараат со „Среќен Божиќ“ и извикуваат: „Ние не пукаме, вие не пукајте!“ Првите храбри војници од двете страни излегуваат од рововите, се среќаваат меѓу телата на мртвите и си подаваат раце.
Слични сцени се одвиваат по целиот Западен фронт. Во Флербо, недалеку од Ламанш, германските војници поставуваат украсени божиќни елки на рабовите на нивните ровови. Светлина од свеќи, а не од огнено оружје. Високата команда на германската армија испрати илјадници мали божиќни елки на фронтовската линија, знаејќи колку е тешко за војниците да го поминат Бадник далеку од своите најблиски.
Се разменуваат подароци, се игра фудбал
„Звучи речиси неверојатно она што ќе ви го кажам, но тоа е чиста вистина“, им напишал Јозеф Венцел од Баварскиот резервен пешадиски полк на своите родители на 28 декември 1914 година: „Најомразените и најлутите непријатели стојат околу елката и пеат божиќни песни меѓу рововите. Никогаш нема да ја заборавам таа глетка до крајот на животот.“
Таа ноќ, илјадници војници разменуваат мали подароци: британско конзервирано месо за дрезденски штолен (традиционален божиќен колач со марципан, н.з.), германски колбаси за англиски божиќен колач од сливи. Тие пијат вино и рум заедно, делат цигари и покажуваат фотографии од свршеници, сопруги и деца. Копчињата од униформите се разменуваат како сувенири.
Дури се игра и фудбал. Германските шлемови со шилци и британските воени капи служат како стативи. Наместо топка, се користи топка направена од стврдната слама или конзерва. Некои Британци успеваат да добијат вистинска кожна топка. „Испративме еден на велосипед назад, на нашата резервна позиција“, им напишал еден шкотски војник на своите родители, „и тој ја донесе топката.“
Покрај тоа, војниците од двете страни на фронтот конечно можеа да ги погребаат своите паднати другари кои лежеа на ничија земја. Моменти на човечност во сурова војна.
„Не знам колку долго ќе трае ова – во секој случај, топовите повторно ќе замолкнат за Нова Година, бидејќи Германците сакаат да ги видат нашите фотографии“, напишал младиот офицер Алфред Дуган Чатер во писмо до својата мајка.
Но, не насекаде на Западниот фронт постоела желба за братство со непријателот – на некои места војната продолжи. Ова било целосно во согласност со желбите на високите офицери од двете страни, кои биле сè освен ентузијасти за „божиќното примирје“. Нешто такво не било дозволено да се случи повторно – во иднина дури требало да се казни како „велепредавство“.
„Ужасно е“, напишал подоцна дома еден германски војник, „што еден ден можеш да бидеш толку мирно со другите, а веќе следниот ден мора да се занимаваш со тоа како да се убивате едни со други“.
Утописка желба?
Се проценува дека најмалку 100.000 војници на Западниот фронт учествувале во примирјето, првенствено британски и германски, и само неколку француски војници.
За разлика од Германија или Велика Британија, Франција и Белгија биле директно погодени од војната и нејзиното уништување. Французите и Белгијците се бореле на сопствената окупирана територија, а нивното негодување кон нивниот непријател, Германија, било многу поголемо од она на Британците.
Првата светска војна одзела вкупно девет милиони животи на војници, како и безброј цивилни жртви. Јозеф Венцел, исто така, загинал – на 6 мај 1917 година, во битка, две и пол години откако им пишал на своите родители: „Божиќ 1914 секогаш ќе ми остане во сеќавање“.
Војните сè уште беснеат низ целиот свет, во Украина, Судан или Конго… Пред повеќе од 100 години, војниците покажаа колку е лесно да се престане со борба – само треба да се спушти оружјето и да му ја подадете раката на непријателот. Утописка желба?
Извор: DW/ Автор: Сузане Кордс


