Божиќ Павлетиќ: Одигравме перфектно, знаевме дека ќе дојдат нашите пет минути

еурофарм пелистер татабања
Ракиметарите Е. Пелистер со ракометна лекција за гостите од Унгарија/Фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Екипата на Е. Пелистер ја запиша втората победа сезонава во групната фаза од Лига Европа, прва на домашен терен.

Битолчани убедливо славеа во салата „Боро Чурлевски“ пред своите верни навивачи и така најавија дека имаат големи амбиции да се најдат во следната фаза.

Хрватскиот тренер на македонската екипа, Жељко Бабиќ им се заблагодарува на неговите ракометари за фантастичните перформанси.

– Ги искористивме сите нивни проблеми од аспект на заморот, играа натпревари, повреди кои дојдоа, патувања, значи сето тоа влијаеше на нивната игра. Од друга страна сакам да им се заблагодарам на моите играчи на нивната одлична партија, желбата, нивната концентрација во текот на мечот беше на највисоко ниво. И за тренер како мене е многу полесно да се има такви играчи кои се едноставно добри. Тоа вечерва го покажавме и победивме со повеќе разлика отколку што очекувавме, но така е во спортот. Му посакувам сè најдобро на Татабања – изјави Бабиќ кој воедно изрази сочувство до семејствата на загинатите во сообраќајната несреќа што се случи во Бугарија.

Истото го направи и неговиот сонародник, десното крило Јосип Божиќ Павлетиќ кој на денешната средба против Унгарците двапати се запиша во листата на стрелците.

– Во името на целата екипа сакам да изразам сочувство во овој навистина тежок ден за цела Македонија. Колку и да е тежок, мислам дека успеавме барем малку да внесеме радост кај битолската публика со оваа победа. Одигравме еден перфектен натпревар од почетокот до крајот, бевме максимално концентрирани, знаевме дека ќе дојдат нашите пет минути. Добро се подготвувавме за ривалите, ги знаевме нивните предности и слабости, и ете одигравме еден навистина добар меч. Мило ни е поради нашите навивачи и сите луѓе кои ја даваат поддршката – рече Божиќ Павлетиќ.

Тренерот на Татабања, Драган Ѓукиќ:

– Е. Пелистер беше подобар од секој аспект на играта. Начинот на кој играа одбрана и напад беше премногу за нас на денешниот дуел. Мала неизвесност имаше само десетина минути, а остатокот од натпреварот помина во доминација на домаќинот. Ја преземам одговорноста и во наредните неколку дена ќе анализирам што се случи. До крајот остануваат многу бодови, ова е тежок пораз, но не се откажуваме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот