Богоев: Нема да дозволиме „дебармаализација“ на Трнодол

Предлог Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЈО3, блок 7, за делот околу Трнодол, се уште ја бранува засегнатата јавност. Иако предлог ДУП-от беше јавно презентиран пред граѓаните, истиот предизвика сомнеж кај дел од граѓаните, кои најголемо несогласување покажаа за мостот кој е впишан во планот, а за кој градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, уверува дека општината нема да го изгради, бидејќи нема пари.

Во август, групата „Трнодол“ до градоначалникот и советниците на Општина Карпош поднесе претставка со која што го изнесува ставот на жителите кои се противат на начинот на презентација на Предлог Деталниот урбанистички план.

Тогаш, координаторот на групата Фирдаус Неби, во изјава за „Слободен печат“ рече дека незадоволството кај граѓаните пораснало поради фактот што јавната презентација на Предлог ДУП-от била закажана во период од годината кога голем дел од граѓаните користат годишен одмор, па не биле во можност да присуствуваат на истата, а тоа резултирало со неодржување на јавната презентација, која што подоцна градоначалникот Стефан Богоев ја презакажа за во септември.

Со цел да ги задоволи барањата на граѓаните, Богоев денеска соопшти дека јавната презентација на ДУП-от ќе биде повторена и ќе се одржи од 13 до 27 декември, а за да можат сите да го погледнат предлог ДУП-от, во просториите на урбаната заедница „Кузман Јосифовски Питу“ во Козле, ќе бидат отворени секој ден од 8 до 18 часот.

Јавната презентација на ДУП-от ќе се одржи на 17.12. 2019 година, во 15.30 часот.

– Имав средби со граѓани од Трнодол кои изразија сомнеж за овој Урбанистички план. Ги уверувам дека со овој ДУП целосно ќе се заштити делот меѓу патот за Трнодол и патот за Жданец, т.н. чатал, кој ќе биде со намена „Д“- заштитено зеленило, во кој нема да може да се постават дури ниту клупи за седење, а не пак нешто друго. Претходно овој дел беше со намена Д1- парковско зеленило. Тоа значи дека на ова место ниту била планирана, ниту ќе има зграда – рече Богоев.

Тој додаде дека со овој Предлог ДУП се спречува т.н.„дебармаализација“ на Трнодол.

– Ќе се ограничи бројот на станбени единици за намена А1- домување во станбена куќа, на четири станбени единици, додека важечкиот ДУП за Трнодол овозможува неограничен број на станови. Во врска со висината на објектите која со Предлог деталниот урбанистички план е предвидена 10.20 метри со катност П+2+Пк (приземје+ 2ката+ поткровје), постигната е согласност за задржување на постојната висина од 7.40 метри со висина П+1+ Пк ( приземје+ еден кат+ поткровје), според постоечкиот урбанистички план – објасни Богоев.

За делот од населбата каде што постоечката висина е 10.20 метри, со катност П+2+Пк, општината предложила истата да се намали, но само доколку биде обезбедена согласност од сите сопственици кои претходно имале стекнато право на поголема катност. Досега, како што беше посочено, таков интерес немало.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот