Најмлада блогерка за хранa: Добре дојдовте во „Забавната кујна на Ангела“

Фото: Приватна архива

Она што почнало како обична занимација и детска љубопитност, ја внесе во светот на кулинарството. Денес оваа второодделенка од ОУ. „Кирил Пејчиновиќ“ од Скопје, ги има својот инстаграм-профил и јутјуб-канал „Забавната кујна на Ангела“ ( Angela’s Funny Kitchen) со сериозен број следбеници. За нејзината љубов кон готвењето, разговаравме со мајка ѝ Јулијана Божиновска.

Кулинарската авантура на Ангела Божиновска(6 години) започнала пред две години, кога почнала самоиницијативно да ѝ помага на мајка ѝ Јулијана во подготовката на оброците. Првите детски обиди полека прераснале во голема љубов кон готвењето.

– Кога пројави интерес за готвењето, ѝ дозволував да ми помага колку и како може, бидејќи сметав дека на тој начин ќе се здобие со поголема одговорност и самодоверба, ќе стекне нови знаења и вештини и ќе научи повеќе за здравата и избалансирана исхрана. Љубовта кон готвењето ја наследи од мене. А освен тоа сака да учествува во местење на масата, приборот за ручање, собирање на чиниите и сето тоа за неа е големо задоволство – вели мајка ѝ Јулијана.

dav

Кога ги гледав видеата, забележав колку е сериозна кога ги подготвува и меша состојките. Едноставно, како да е веќе професионална готвачка. Колку бара помош при готвењето? 

– Секако во подготовка на рецептите за нејзините видеа на јутјуб-каналот има помош од мама и понекогаш и од баба, но е прилично самостојна и знае и сака многу работи да проба да ги направи и сама. Најмногу помош добива секако при сечкање на намирниците, каде што во видеата е прикажано минимално како сечка, секако под мој надзор, а останатиот дел го сечкам јас, потоа кога треба да се испече нешто, при работа со миксер, блендер и сл.

 Дали има свои идеи за готвење што ги реализира, односно колку експериментира при готвењето?

– Содржината за видеата и рецептите обично ја смислувам јас, но понекогаш и Ангела дава некои идеи и предлози, кои ги видела на интернет, бидејќи многу сака да гледа видеа каде што се спремаат торти. Сакаме да експериментираме со храната, да пробуваме најразлични рецепти, не само оние класичните, туку и рецепти во кои се комбинираат солени со слатки состојки и освен што сака да ги готви, сака и да ги проба, воопшто не е пребирлива и во принцип и се допаѓа сè што досега сме зготвиле.

Што ѝ е омилено да готви – десерти, пити, главни јадења?
– Омилени ѝ се јадењата што се привлечни за детските очи, како, на пример, украсни мафинчиња, торти, палачинки, рецепти во кои се користи некаква декорација, филување, и сето тоа ѝ е забавно и го сфаќа како еден вид игра.

Освен што сака самата да готви, колку се вклучува да помогне кога некој друг дома готви?

– Можам да кажам дека речиси секогаш е заинтересирана за помош во кујната. Обично кога спремаме кифлички на пример, ќе земе дел од тестото и си прави свои форми, ги полни со некој фил, ги обликува и потоа и нив ги печеме.

Дали знае некогаш наместо со кукли, да ги покани другарките да се занимаваат во кујна и да зготват нешто?

– На едно видео од нејзиниот јутјуб-канал приготвивме макарони со најдобрата другарка на Ангела, која самоиницијативно пројави желба да учествува во подготовката на еден вкусен рецепт и двете беа многу среќни при готвењето, многу им беше интересно и забавно и на крај слатко си се најадоа.

Кои ѝ се други омилени активности (хоби) на Ангела?

– Освен за готвење, досега пројави интерес за цртање и глума.

ПРЕДЛОГ РЕЦЕПТИ ОД АНГЕЛА: 

 Палачинки со банана и нес-кафе

Состојки:

– 1 и ½ банана
– 1 лажичка нес-кафе
– 1 јајце
– 200 мл млеко
– 1 прашок за печиво
– 180 г брашно
– 2 лажици кафеав шеќер или мед

Подготовка:
Во еден сад изгмечете ја со виљушка бананата, па додајте ги другите состојки. Мешајте додека добиете густа хомогена смеса. Смесата треба да биде густа, како за американски палачинки. Потоа земајте од смесата со црпалка и ставајте во загреана тава, па печете ги палачинките прво од едната, па од другата страна. Послужете ги со сладолед, овошје, еурокрем, преливи по избор и слично.

Полнета пита со кашкавал

Состојки:
– 200 мл млеко
– 3 лажици стопен путер
– 1 јајце
– по 1 лажичка шеќер и сол
– 1 сув квасец
– 600 г брашно
За фил:
– 1 јајце, кашкавал и сирење

Подготовка:
Во еден сад измешајте ги млекото со путерот, јајцето, шеќерот, солта, квасецот и брашното, па замесете го тестото. Потоа оставете го да отстои половина час. Потоа со рака оформете кора, па во средина филувајте ја со рендано сирење и кашкавал, преклопете ја и повторно со рацете формирајте кора. Ставете ја во плех обложен со хартија за печење и премачкајте со матено јајце, па посипете со рендан кашкавал и сирење. Печете 20-25 минути на 220 степени.

Овошни коцки со малини

Состојки:
– готова кора за торта
– 500 мл слатка павлака
– 1 желатин
– 1 филџан блендирани малини
– 200 г крем-сирење
– 3 лажици шеќер во прав
– 2 лажици јогурт
– 1 ванила
За прелив:
– ½ чаша малини
– 1 желатин

Подготовка:
Во правоаголен сад ставете ја кората, а над неа филот подготвен од изматената слатка павлака, желатин, малини, крем-сирењето, јогуртот, шеќерот и ванилата. Ставете го плехот во фрижидер. За тоа време подгответе го преливот: во еден сад ставете ги малините и загревајте додека почне да врие. По пет минути додајте го желатинот и мешајте да почне да се згуснува. Прелејте ја тортата, ставете ја во фрижидер и оставете се стегне. Потоа исечете ја на коцки и послужете ја.

Фотографии: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот