Свети Николе / Фото: Bomac / Wikimedia

Бившиот градоначалник на Свети Николе Сашо Велковски е осомничен дека издал неважечко одобрение за градење

Поранешниот градоначалник на Свети Николе, Сашо Велковски, доби кривична пријава за злоупотребување на службената положба, односно за изготвување и за издавање неважечко одобрение за градење.

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против С.В.(55) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘злоупотреба на службената положба и овластување’. Пријавениот, во својство на градоначалник на општина Свети Николе, во текот на 2021 година, пречекорувајќи ги границите на своите службени надлежности, постапил спротивно на одредбите од Законот за градење и Правилникот за начинот на издавање на одобренија за градење на тој начин што лично изготвил, потпишал и издал одобрение за градење, кое не било евидентирано во електронскиот систем на Сектор за урбанизам, заштита на животната средина, комунални работи и оттуѓување на градежно земјиште при општина Свети Николе. Неважечкото одобрение било искористено од изведувач од Скопје, кој изградил објект во вредност од 15.488.118 денари, за кој износ со наведеното дејствие е причинета штета на нарачателот,“ соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според соопштението, наведениот објект не е впишан во Агенцијата на катастар на недвижности Свети Николе, бидејќи претставува бесправно изграден објект.

МВР пред две години, исто така, имаше поднесено кривична пријава против Велковски, поради сомнежи за злоупотреба при јавни набавки во 2021 година поврзани со изградба на фекална канализација во населено место Рудина и други градежни работи.

Според полицијата, осомничениот, спротивно на законските одредби и со пречекорување на своите овластувања, спровел јавна набавка и склучил договор со приватна фирма во вредност од 26.820 евра, а во текот на градбата бил склучен и анекс договор во вредност од 5.360 евра за непредвидени и дополнителни работи.

Кривична пријава за поранешен градоначалник на Свети Николе

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот