Битиќи ја нарече Димитриеска – Кочоска фејсбук-инфлуенсерка во обид
На почетокот на денешната собраниската седница на која се расправаше за Фискалната стратегија за 2027-2031 година, и за законот за задолжување со 260 милиони евра кај странски банки, пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски, процедурално праша каде е министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на вака важна седница.
Препорачано
– Лесно е да се пишуваат статуси на Фејсбук, а да се избега од Собранието. Нема подобар медиум од тоа да дебатираме во законодавниот дом. Да видиме која е визијата за фискална стратегија, да видиме какви нови задолжувања има. Министерката треба конечно да се одважи и да присуствува во Собранието – рече Спасовски.
Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не е адвокат на министерката Димитриеска-Кочоска но дека за јавноста мора да каже дека таа е на однапред планирано патување во Словенија.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи пред да ги изнесе своите ставови за фискалната стратегија, исто така се осврна на отсуството на министерката за финансии. Тој рече дека „секогаш кога се носи буџет, или закон за задолжување, на седница се пушта заменик-министерот за финансии“.
– Фејсбук- инфлуенсерката во обид ја нема. Ја нема ни за една тема. Затоа не можам да и се обратам. Но, почитуваниот заменик – министер е тука, па нему му се обраќам – рече Битиќи.


