Бислимоски: Македонската мрежа има нови 300 мегавати капацитет од обновливи извори

Марко Бислимовски, Регулаторна комисија за енергетика / Утрински брифинг

Нови 300 мегават часови инсталиран капацитет од обновливи извори за енергија се очекуваат да бидат приклучени на мрежа годинава, што е двојно повеќе од минатата година, најави Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и претседател на Бордот на регулатори од Енергетската заедница, на енергетскиот самит во Неум, Босна и Херцеговина.

Според Бислимоски, со ова темпо на инвестиции за производство на струја од обновливи извори на енергија, државава за година и пол ги достигнала целите од „зеленото сценарио“ од Енергетската стратегија, кои требаа да се достигнат до 2040 година.

„Ние треба сега да ја ревидираме Енергетската стратегија во овој дел, затоа што околностите во енергетската криза драстично го променија темпото на реализација на инвестиции за производство на струја од сонце, ветер и вода“, рече Бислимоски.

Тој на панелот ги сподели искуствата на земјава која ги има во делот од Националниот план за енергетика и климатски промени. Бислимоски вели и дека декарбонизацијата е дел од енергетската транзицијата затоа што залихите на јаглен се трошат, а производството се пренасочува кон капацитети од обновливи извори и производство на електрична и топлинска енергија од високоефикасни комбинирани постројки.

„На нашата мрежа се приклучени производни капацитети со инсталиран капацитет од 2000 MW, а во моментов четири пати е поголем интересот за инвестиции во обновливи извори и достигнува 8000 MW инсталиран капацитет, од кои најмногу се инвестиции во фотоволтаични централи и ветерни електрани. Решението се гледа во батериите за кои сега работиме на воспоставување на правила и процедура. Батериите и се поизвесната реализација на ХЕЦ Чебрен ќе служат за балансирање во електро-енергетскиот систем во земјава. Тоа е реалноста во процесот на транзиција кон која државата стратешки и со план се има поставено. Несомнено ќе имаме нова нормалност – од земја која до сега домашно производство на струја доминантно се базира на јаглен, сега ќе имаме производство од обновливи извори“, рече Бислимоски.

Енергетскиот самит во Неум го отвори амбасадорот на САД во Босна и Херцеговина Мајк Марфи а на панелите учествуваа експерти од енергетскиот сектор, меѓу кои и Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот