Без регистрација нема изнајмување — ЕУ од денес воведе нови правила за Ер-би-ен-би и за „Букинг“
Европската Унија од денес официјално почна со примена на новите правила за дигиталните платформи за краткорочно изнајмување сместување, со цел да се воведе поголема контрола и транспарентност во секторот што изминатите години доживеа огромен раст.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Станува збор за Регулативата (ЕУ) 2024/1028, која се однесува на платформи како Airbnb, Booking и други сервиси за краткорочно издавање апартмани и сместувачки капацитети. Со новите правила, секоја земја членка ќе мора да воспостави единствен дигитален систем за регистрација на домаќините, а платформите ќе имаат обврска редовно да доставуваат податоци до надлежните институции.
Тоа значи дека платформите ќе мора да проверуваат дали сместувачките капацитети имаат валиден регистрациски број, а огласите што не ги исполнуваат условите ќе бидат отстранувани. Воедно, надлежните органи ќе добиваат информации за бројот на ноќевања, гостите и активностите на домаќините.
Европската комисија ја предложи регулативата уште во 2022 година, откако повеќе европски градови предупредуваа дека масовното краткорочно изнајмување влијае врз цените на домувањето и создава дополнителен притисок врз локалната инфраструктура. Според ЕУ, една од главните причини за воведување на новите правила е недостатокот на сигурни и стандардизирани информации за сопствениците, локациите и времетраењето на изнајмувањата, што досега им отежнувало на институциите да го следат пазарот и да носат соодветни политики.
За краток престој ќе се издаваат само регистрирани апартмани
Новите правила предвидуваат и можност националните власти да суспендираат или повлечат регистрациски број доколку се утврдат неточни податоци или нелегално работење. Регулативата беше усвоена од Европскиот парламент во февруари 2024 година со огромно мнозинство гласови.


