Бевме на чекор да ја изненадиме Русија, на крајот поразени и во Перм

фото: kfsm.mk

Во еден момент бевме на „минус три“ и напад за нерешен резултат, на крајот првиот дел од квалификацискиот циклус го завршивме неуспешно со два порази.

Македонија одигра добро во првото полувреме и добар дел од третата четвртина, но не се одбранивме во последната, Русија беше подобра со 77:67 (19:20, 19:16, 19:17, 20:14) за втор наш пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство 2021 година.

Најефикасен во руската селекција беше Витали Фридзон со 23 поени (седум скокови, четири асистенции), а во нашите редови по 14 поени имаа Андреј Магдевски и Шејн Витингон по шест скокови и четири асистенции.

Повторно шутот за три поени беше слаб, само седум реализирани тројки од 23 обиди, а во тој сегмент слаба вечер имаа Војдан Стојановски (0/5) и Марко Симоновски (0/4).

фото: kfsm.mk

Иако избраниците на селекторот Александар Тодоров во еден момент беа на „минус три“ и имаа напад за нерешен резултат, на крајот првиот дел од квалификацискиот циклус го завршивме неуспешно.

Водевме со (8:2) по само две минути игра. Нешто подоцна и (12:8). По шестиот поен на Магдевски имавме и (17:12). Доброто шутерско издание го продолжи, со тројка, и Ѓуроски за највисоките (20:14) од стартот на мечот во Перм. Но, во само една минута, Русите ја погодија првата тројка (од осмиот обид), „откинаа“ пет поени, па првата четвртина ја добивме само со поен предност, (20:19).

Во втората четвртина домаќините направија серија од 9:0 и преминаа во водство (23:20). Ја прекина Симоновски, а Тодоров ги врати браќата Стојановски назад во игра. Го вративме назад и водството (24:23). За кратко, затоа што „зборнаја“ врза нови шест поени. За нивна најголема предност (29:24), и минута одмор за Тодоров, кој во меѓувреме проба и со најмладиот во тимот, Јакимовски.

Кога Русите „побегнаа“ и на плус 7 (36:29), ги запре новата тројка на Дамјан Стојановски (32:36), а Симоновски спушти на (34:36). Добрата напаѓачка игра Магдевски (8. поени, плус 4. скока и 3. асистенции) ја заокружи со полагање за (36:38) како што заврши првото полувреме.

Противникот почна да погодува од далеку. По двете врзани тројки, Русија дојде од највисоките (48:40), и го натера Тодоров уште во раната фаза од третата четвртина да земе тајм-аут. За ново наше враќање во игра, со пет поени од Ѓуроски и Стојановски, (45:48). Игравме во серии, кога станува збор за нападот. Од друга страна Русија повеќе се базираше на шут од далечина, и добро им одеше тоа во третата четвртина. Имаа и плус од девет поени (57:48) во 29. минута од играта.

фото: kfsm.mk

Со тројката на Ѓуроски се врати Македонија на достижни (53:57), со кои влеговме во последните 10. минути. Не стартувавме добро во тој дел од играта, Русите казнија со двете тројки на најискусните Кулагин и Фридзон, за прво двоцифрено водство (63:53).

Русите продолжија со ефикасната игра, Фридзон продолжи да дава тројки, и го однесе домашниот тим до убедливи (68:55). Следуваа последните сили на нашите кошаркари, реализираа десет поени по ред и на две и пол минути пред крајот беше (65:68). Потоа, и (67:70), кога престрого судиите му дадоа три слободни фрлања на Кулагин. Но, во тие 1:27 минути останавме со шанса, даде само едно за (71:67).

По нереализираниот напад на Симоновски, Фридзон немаше проблеми, (73:67). Проба Крстевски со тројка, не успеа, па така победата остана во Перм, за Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот