Белгискиот екстремен десничар сè уште во бегство, десетина лица под полициска заштита

Јурген Конингс, војникот припадник на екстремната десница и натаму е во бегство повеќе од една недела, медиумите дознаваат денеска дека уште десетина други лица се ставени под полициска заштита покрај најпознатиот белгиски епидемиолог.

Јурген Конингс, војникот, припадник на екстремната десница и натаму е во бегство повеќе од една недела, медиумите дознаваат денеска дека уште десетина други лица се ставени под полициска заштита покрај најпознатиот белгиски епидемиолог, јави дописничката на МИА од Брисел.

Полицијата и натаму трага по овој поранешен припадник на белгиските воени сили кој со години бил предмет на мониторинг од страна на разузнавачките служби и кој му се закани со убиство на најпознатиот белгиски виролог, Марк Ван Ранст. Конингс е осомничен дека планирал и напад врз џамија.

Денеска медиумите, повикувајќи се на полициски извори, откриваат дека низа други лица се ставени под безбедносна заштита од страна на белгиските власти, но нема детали за нивниот идентитет.

Властите оцениле дека сите овие луѓе се потенцијално загрозени додека Конингс е во бегство, но не сите се поврзани за здравствениот сектор. Првично се сметаше дека поранешниот војник таргетира лица поврзани за санитарна состојба и мерките против Ковид-19, но медиумите јавуваат дека меѓу луѓето со засилена заштита има и адвокат.

Од страна на обвинителството не ја потврдуваат оваа информација.

Во меѓувреме владата е под силен притисок од парламентот и јавноста да даде убедливи одговори како дозволиле потенцијално насилен екстремист толку долго да биде дел од воените сили со пристап до тешко оружје.

Министерката за одбрана, Лидивин Дедондер, не чувствува лична одговорност затоа што од неа се криеле клучни информации и најави коренити промени и санкции во војската.

Видео на денот