Бед Бани - Фото: EPA/CAROLINE BREHMAN

Фановите разочарани: За настап со Бед Бани на „Супербоул“ ќе мора да сте повисоки од 170 сантиметри

Бед Бани ќе настапи на полувремето на финалето на НФЛ-лигата во американски фудбал, „Супербоул“, но огласот за учество во неговиот настап предизвика бурни реакции на социјалните мрежи поради строгите физички услови што им се поставени на кандидатите.

Уште минатата година беше објавено дека 31-годишниот музичар, со вистинско име Бенито Антонио Мартинес, ќе настапи на 8 февруари на стадионот „Ливајс“ во Санта Клара, Калифорнија. Со тоа, Бед Бани треба да стане првиот соло машки латино изведувач кој самостојно ќе го предводи шоуто на полувремето на Супербоул.

Контроверзите започнаа откако на платформата Редит се прошири оглас за ангажман на т.н. теренска екипа – лица кои би се појавувале на теренот како дел од продукцијата. Иако улогата беше опишана како „нетанцувачка“, од кандидатите се очекува да изведуваат координирани движења и да се позиционираат прецизно во рамки на големата сценска поставка.

Она што предизвика најмногу негодување беа физичките критериуми наведени во огласот: задолжителна висина меѓу 170 и 183 сантиметри, витка до атлетска градба, како и способност за носење и движење во костими тешки до 18 килограми.

Многу фанови кои не се вклопуваат во овие стандарди реагираа со разочарување и иронија. Во коментарите се појавија забелешки дека ваквите барања наметнуваат нереални телесни идеали и исклучуваат голем дел од обожавателите кои би сакале да бидат дел од спектаклот.

По лавината реакции, компанијата „Беклит сапорт“, задолжена за изборот на учесници, го повлече првичниот оглас и објави нов, со дополнително прецизирани услови. Во ажурираната верзија се наведува дека повторно се отвораат пријавите за теренската екипа, при што сега посебно се бараат кандидати со висина меѓу 178 и 185 сантиметри, со цел да се исполнат новите продукциски потреби.

Иако настапот на Бед Бани веќе се смета за историски момент за латино-заедницата во американската поп-култура, дебатата околу условите за учество покажа дека дури и најголемите музички спектакли не се имуни на критики поврзани со инклузивноста и телесните стандарди.

По месеци шпекулации, објавен е изведувачот на полувремето на Супербол 2026: Бед Бани ќе биде ѕвездата на вечерта

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот