Базените затворени, коронавирусот го направи своето, на суво останаа 700-800 пливачи

Според Јане Карајованов од Националната пливачка федерација (НПФ), неминовен е пад на формата кај сите наши пливачи, но тоа донекаде се ублажува со вежби и тренинзи на суво.

Спортот е речиси сто отсто парализиран поради кризата со коронавирусот. Едни од најпогодените се пливачите, што се однесува до условите за тренинг и за одржување на формата додека не мина пандемијава.

Имено базените ширум светот па и во Македонија се затворени, а тешко е за овој спорт е да се најде замена за пливачки тренинг во некоја друга активност на суво.

Според Јане Карајованов, некогашен маратонец, а сега член на Стручниот одбор на НПФ, сите наши пливачи се на суво и се снаоѓаат со разни тренинзи за колку толку да останат во форма, додека кризата не мине и не се врата во вода.

Сите пливачи паузираат, нема каде да пливаат. Тоа се однесува до пливачите во Македонија. Во комуникација сум со Евгениј Поп Ацев и Марко Блажевски и тие не се активни во вода – вели Карајованов. Маратонецот Поп Ацев живее и тренира во Велика Британија, а Марко Блажевски е во САД.

Добро е што Олимписките игри во Токио се одложени, па психолошкиот товар малку е намален. Но сепак, не знаеме кога повторно ќе стартуваме со работа во вода и тоа е тешко – вели Карајованов.

Според него во моментов на суво се околу 700 до 800 пливачи од сите возрасни категории од 22 клуба во Македонија. Од тоа вистински пливачи – натпреварувачи се 100 до 150.

Пливањето е спорт во кој и најмала пауза од тренажниот процес се одразува на формата. Според Карајованов не се знае колку оваа огромна пауза ќе влијае на формата, но пливачите ја заменуваат со тренинзи на суво.

Не можеме сега да претпоставуваме колкав ќе биде падот во формата, затоа што не знаеме кога би почнале со тренинзи. Сепак сите вежбаат, трчаат, возат велосипед, така што го намалуваат тој пад на формата колку-толку. Ќе има пади и ќе биде тешко, тоа е сигурно. Но така е во целиот спорт денеска. Психолошки ќе бидат подготвени затоа што ќе очекуваат да имаат пад – вели Карајованов за моментната состојба со пливањето во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот