Батистута и Марадона/ EPA/SERGIO LAMERA

Батистута: Не направивме доволно за Марадона, умре сам како куче, Меси не е како него

Легендарниот аргентински напаѓач Габриел Батистута во разговор со Рио Фердинанд отвори бројни теми од својата кариера, но најголемо внимание привлече делот посветен на Диего Марадона.

Популарниот „Батигол“, кој остави длабока трага во Фиорентина и Рома, се потсети на деновите кога заедно со Марадона настапуваше за Аргентина, вклучително и на Светско првенство во фудбал 1994 во САД.

Батистута смета дека славата прерано го погодила Марадона и дека токму тоа оставило последици врз неговиот живот.

„Марaдона беше познат уште како дете. Потекнуваше од сиромашно семејство кое во него гледаше излез од бедата. Не обвинувам никого, но проблемот беше што никој никогаш не му кажа ‘не’. Сè му беше дозволено и тоа беше голема грешка. Жалосно е, бидејќи беше прекрасен човек, а на крајот остана сам“, изјави Батистута.

Тој призна дека и самиот чувствува одредена вина, бидејќи смета дека луѓето околу Марадона не направиле доволно за да му помогнат во борбата со здравствените проблеми.

„Не направивме доволно за да го заштитиме. И јас се обвинувам. Кога сакаш некого, мораш да му помогнеш, дури и кога е тежок и не сака помош. Тоа е тажно, бидејќи ни подари незаборавни моменти“, додаде тој, изразувајќи надеж дека нешто слично нема да му се случи на Лионел Меси.

Во споредбата меѓу двете аргентински икони, Батистута потенцира дека станува збор за различни личности и стилови.

„Меси е тивок и скромен, додека Марадона беше харизматичен лидер. За мене, Диего е број еден, имаше влијание врз сè на теренот, од играта до противниците и судиите. Меси има неверојатен квалитет, но нема таква харизма“, истакна Батистута.

На крајот, тој се осврна и на шансите на Аргентина на следниот Светско првенство во фудбал 2026, изразувајќи оптимизам дека „гаучосите“ можат да ја одбранат титулата и да влезат во историјата, нешто што последен пат му успеа на Бразил во 1958 и 1962 година.

„Меси веќе 20 години е на врвот и сè уште има глад за голови и победи. Верувам дека Аргентина повторно може да оди до крај. Ми се допаѓа и Англија, но на Мундијалите секогаш се случува нешто неочекувано“, порача Батистута.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот