Барем до јуни ќе се „гужваме“ во ЈСП, Орце Ѓорѓиевски работи со тоа што го има – 180 автобуси
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, запрашан зошто граѓаните гледаат едни термини за доаѓање на автобусите на апликацијата, а во реалноста автобусите ги нема, одговори дека „треба да провери“ и ги упати граѓаните „да реагираат до Градот Скопје и до ЈСП“.
Препорачано
Автобускиот превоз деновиве се соочува со катастрофални возни редови, доцнења, преполни автобуси, кровови што прокиснуваат, автобуси што се расипуваат. Сето тоа е поради фактот што Градот нема набавено нови автобуси и поради тоа што цело Скопје функционира само со околу 180 автобуси. Состојбата нема да се подобри најмалку уште 4 месеци, ако се земе предвид дека Ѓорѓиевски најави доаѓање на првите автобуси од тендерот во јуни.
-Најпрво имаше информација пред неколку дена во јавноста дека 150-тина автобуси биле секојдневно ставани во функција, уште 30 плус се поправени, а стоеа по гаражите изминатиов период. Значи околу 180 автобуси имаме како јавно сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје коишто сообраќаат на линиите низ градот. Ќе морам да проверам, доколку има точна информација или забелешка од некој од граѓаните, еве апелирам да реагираат до градот Скопје, но и до јавното сообраќајно претпријатие. Откако ќе ни стигнат новите 100 автобуси од Владата, 30 автобуси преку БРТ, тогаш ние ќе можеме да дискутираме ако имаме некоја аномалија дека ние не сме напраиле се. Но во моментов јас давам се од себе со тоа што располагаме да го ставиме во целосна функција за граѓаните, рече Ѓорѓиевски.
Во останатиот дел од интервјуто тој откри дека годишно Град Скопје плаќа половина милион евра за судски трошоци и отштети за каснатите од улични кучиња. Годинава, според градоначалникот, ќе биде зголемен буџетот на „Лајка“, а таму најави дека ќе биде направен голем парк каде граѓаните за викендите ќе може да доаѓаат и од каде децата ќе може да си одат дома со свој посвоен миленик.
Проектот за БТР, според најавите, ќе добие тендер во втората половина на годинава, а Ѓорѓиевски вели дека со работа би се почнало на почетокот на идната година.
ЈСП доби уште 150 милиони денари субвенции за вработените да се „мирни“ до крај на годината


