Балетската награда „Роксан Стојанов“ ќе им дава поддршка на младите таленти
Културниот центар „Интерарт“ и Францускиот институт во Скопје во соработка со Амбасадата на Франција на прес-конференција го објавија востановувањето на националната награда „Роксан Стојанов“ за млади балетски уметници, со цел да се охрабрат идните македонски таленти.
Препорачано
Иницијативата за националната награда доаѓа од примабалерината Роксан Стојанов, која во декември 2024 година стана прва балерина со македонско потекло, која е прогласена за Ѕвезда на Париската опера. Во април оваа година Роксан ја прими наградата „Менада“ за извонредни достигнувања во областа на танцот на 21-то издание на фестивалот „Танц фест Скопје“.
Роксан Стојанов е извонредна уметница, која својата танцова кариера ја започнува во Скопје, а понатаму се развива низ европски школи, влегува во Школата на Париската опера и се оформува како уметник со високи уметнички перформанси. Во својата кариера Роксан изведува врвни улоги во дела од класичниот и современиот репертоар на Париската опера, со која гостува на интернационалната сцена низ Европа, Америка, Кина и Јапонија.
Воведно обраќање на прес-конференцијата имаше Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција во Северна Македонија, додека проектот за востановување на наградата „Роксан Стојанов“ го претстави проф. д-р Рисима Рисимкин, основачка на „Танц фест Скопје“ и на Катедрата за Современ танц и Балетска педагогија на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов се обрати преку видеопорака: „Сакам да им дадам вистинска можност на младите балерини и балетани да веруваат во себе, да ги следат своите соништа и да откријат колку далеку може да ги одведе страста. Танцот бара многу, но е и уметност на споделување. На мојот пат имав среќа што многумина ме поддржаа и ме инспирираа. Сега и јас сакам да пренесам нешто од тоа, да отворам врати и да бидам поддршка за новата генерација таленти“, истакна Роксан Стојанов, која првите чекори во балетот ги направила во Македонија и сега сака на некој начин да возврати на земјата од која потекнува.

Натпреварот за избор на добитникот на наградата „Роксан Стојанов“ е во организација на културниот центар „Интерарт“ во соработка со Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје. Конкурсот ќе биде отворен за млади балетски уметници помеѓу 16 и 20 години, кои ќе може да депонираат свои кандидатури во текот на оваа есен и ќе бидат селектирани според прецизни уметнички и технички критериуми. Селектираните кандидати ќе треба да подготват специјална и однапред одредена програма што тие ќе ја изведат во живо, пред интернационално жири, во текот на „Танц фест Скопје“ во периодот од 15 до 20 април 2026 година.
Наградениот уметник/уметница ќе има можност да престојува една недела во Париз, Франција, каде ќе биде под менторство на Роксан Стојанов, што вклучува часови и професионални средби. Наградата „Роксан Стојанов“ ќе има Почесен одбор, кој ќе придонесе со својата работа за развој на оваа иницијатива во земјава, но и на регионално ниво, на Балканот.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 306, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.11.2025)


