Баерн по катастрофата во Купот: Ова едноставно не смее да се случува
Спортскиот директор на фудбалскиот клуб Баерн, Кристоф Фројнд во четвртокот изјави дека е разочаран од елиминацијата на неговиот тим во второто коло од Купот на Германија, пренесуваат тамошните медиуми.
Препорачано
Екипата на Сарбрикен, која настапува во третата германска лига, во средата навечер направи големо изненадување, која на свој терен го совлада фаворизираниот Баерн со 2:1.
– Одигравме многу, многу лошо прво полувреме. Ова едноставно не смее да се случува. Во вториот дел не можевме да постигнеме гол. Не можеме така да го играме полувремето, бевме без агресија и храброст. Малку направивме, самите си сме виновни. Ова е големо разочарување – изјави Фројнд за „Спорт1“.
Еден од најдобрите фудбалери на Баерн, Томас Милер, упати критики кон дел од своите соиграчи, кои одбија да ги поздрават навивачите по поразот од Сарбрикен.
– Доживеавме тежок пораз, кој е тешко да се „проголта“ и да се фокусираме во сабота. Им се извинувам на навивачите за однесувањето на целиот тим по натпреварот. Ќе мораме да се држиме заедно и да ви покажеме почит. Можеби „Класикер“ е одлична можност да се поправи ситуацијата – напиша Милер на социјалните мрежи.
Во сабота Баерн ќе игра против Борусија Дортмунд во дерби натпреварот од 10 коло во Бундес лигата.


