Австралијка лажирала дека нејзиниот шестгодишен син има рак и собирала донации за да води раскошен живот
Несовесната мајка го лажела нејзиното семејство, околните пријатели, како и целата училишна заедница
Мајка од Австралија, која лажно тврдела дека нејзиниот шестгодишен син има рак, за да собира донации и да финансира раскошен начин на живот, е осудена на повеќе од четири години затвор, пренесува Би-би-си.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Четириесет и петгодишната жена од Јужна Австралија му ги избричила косата и веѓите на синот, му ги преврзала главата и рацете и му давала лекови како дел од измамата со која ги довела во заблуда семејството и пријателите да соберат илјадници долари.
Жената се изјаснила за виновна за едно дело што веројатно можело да му наштетои на нејзиниот син и за десет дела на измама.
На изрекувањето на пресудата, судија од Окружниот суд нејзините постапки ги опишал како „сурови“, „пресметани“ и „манипулативни“. Според судот, измамата започнала откако нејзиниот син по една несреќа бил прегледан од специјалист за очи.
По тој преглед, таа му кажала на сопругот, семејството, пријателите и училишната заедница дека нејзиниот син има рак на окото.
Таа го принудувала синот да користи инвалидска количка и ги ограничувала неговите дневни активности за луѓето да мислат дека прима радиотерапија. Исто така, му давала лекови против болка и додатоци за здравје, објавија локалните медиуми.
„Мајката себично го користела својот син како средство за измама на најблиските и пошироката заедница“, рекле од обвинителството на судот, дополнувајќи дека потоа таа ги користела донациите за „живот како богатите и славните“.
Адвокатот на жената изјавил дека таа развила зависност од коцкање по пандемијата на ковид-19 и „го искористила“ несреќниот случај со својот син, но дека никогаш немала намера да му наштети нему или на семејството.
Наместо тоа, мајката на две деца направила „огромен и сериозен пропуст во расудувањето за себично да го олесни својот финансиски стрес“, изјавил нејзиниот адвокат пред судот.
Тој додал дека кај неа била дијагностицирана растројство на личноста и дека се изјаснила за виновна.
„Таа за жал трошела повеќе отколку што ѝ дозволувале приходите и живеела над своите можности“, изјавил адвокатот, со „неразумно и погрешно“ верување дека на нејзиното семејство му се потребни „најновите брендови“.
Нејзиниот сопруг првично бил обвинет, но полицијата подоцна ги отфрлила обвиненијата против него.
„Ми го уништи животот мене и на моите деца“, рекол тој.
„Имав целосна доверба во тебе како моја сопруга и никогаш не се сомневав во тебе. Бев посветен на нашето семејство. Сега се чувствувам како пион во шаховска игра“, дополнител сопругот.
Надвор од судот, сопругот изјавил дека „ниедна казна не може да го оправда она што е направено врз неговите деца“, пренесоа австралиските медиуми.
Жената е осудена на четири години и три месеци затвор, но ќе има право на условно ослободување следниот април.


