Атанасов: Шампионскиот менталитет на МЗТ дојде до израз
Препорачано
Финале кое беше решено во последните секунди, „металците“ стигнаа до злато вредна победа (62:60) против Пелистер, доволно за 12 трофеј во ова натпреварување.
На огромно задоволство кај шефот на стручниот штаб на МЗТ Васко Атанасов:
– Шампионскиот менталитет на МЗТ Скопје дојде до израз. Колку и да играме лошо, на површина излезе тој наш аеродромски инает. Оваа победа ја посветувам на навивачите и им благодарам што дојдоа да нè бодрат. Ние денеска игравме во грч, но игравме без Војдан Стојановски што им даде можност на некои други кошаркари да бидат херои. Што се однесува до Робев, тој по вторпат е фактор за победата овде во Битола бидејќи блесна и лани во финалето од Купот и мене ми е многу мило за тоа – изјави Атанасов.
Дарко Радуловиќ, тренерот на Пелистер имаше свој коментар го загубеното финале против МЗТ:
– Му честитам на МЗТ Скопје, мислам дека речиси цел натпревар имавме контрола над играта и бевме подобра екипа. Во вториот дел имавме мал пад, но како што кажува резултатот се играше на мал број поени. На крајот, сè се сведе на само една топка, во напад во кој се договоривме да правиме лична грешка. И не знам како не успеавме да направиме бидејќи имавме уште еден „мал“ фаул. Претпоставувам дека тоа ќе донесеше продолжение и можеби поинаков исход на мечот. Немам замерки на играчите кои беа подготвени да се борат и да се натпреваруваат. Ете, мал дефокус донесе пораз – рече Радуловиќ.


