Арсовска во нов обид да набавува автобуси, иако Советот „стопати“ ја одби

Данела Арсовска / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Град Скопје во развојниот план за јавниот превоз одново го предлага сето она што актуелното раководство не успеа да го направи во две и полгодишниот мандат, затоа што за планираното никогаш не доби поддршка од мнозинството во Советот.

На средината од 2024 година Град Скопје предлага развоен план за јавниот превоз во градот за периодот до 2026 година. Целта е, како што се вели во предлогот, за кој допрва треба да се изјаснат градските советници на седницата закажана в четврток, преку унапредувањето на линискиот превоз на патници, да се обезбеди изградба на ефикасен урбан транспортен систем, со цел да се зголеми бројот на превезени патници, продуктивноста и транспортната работа кај превозниците.

Тоа, според градоначалничката Данела Арсовска, која е предлагач на развојниот план меѓу другото би резултирало со намалување на времето на патување, расположливост на јавниот превоз, подобрување на информирањето на корисниците на линискиот превоз на патници, како и подобрување на такси превозот.

Град Скопје сака и нови автобуси и воведување БРТ: Има ли план во која насока ќе се развива градскиот превоз?

Во предложениот развоен план се прикажани активности кои ќе се преземат во наредниов тригодишен период во јавниот превоз во Скопје за да се задоволат потребите на граѓаните.

Градот Скопје ќе продолжи со реформирање на автобускиот превоз и сукцесивно ќе почне да го обновува возниот парк на ЈСП Скопје со нови еколошки автобуси.

Во тек е изработка на студија за нова мрежа на линии со кои ќе добиеме оптимална мрежа согласно на потребите на корисниците на јавниот превоз.

Ќе се продолжи со обновување на урбаната опрема на автобуските стојалишта и терминали, со истовремено нејзино техничко, визуелно и естетско типизирање, како и унапредување на системот за информирање на корисниците на линиски превоз на патници, кој има за цел да обезбеди навремена и точна информација за линиите и возните редови кон крајните корисници – патниците – се вели во образложението на планот доставен до Советот на Град Скопје.

Во таа насока, Град Скопје во наредните три години сукцесивно планира да набави 250 нови еко автобуси и да ја реорганизира мрежата на автобуски линии поради воведување нова мрежа на линии. Градот до 2026 година планира да ја подобри и сообраќајната патна инфраструктура на трасите на линиите, како и уредување и одржување на автобуските терминали и обновување на урбаната опрема на автобуските постојки.

Во однос на таксистите, предлага субвенционирање на такси компаниите што ќе набават еколошки возила, нешто што иако неколкупати се најде на дневен ред на седниците на Советот, досега не доби зелено светло од советниците.

Граѓаните чекаат автобус на оштетени постојки, некаде и без стреи и клупи

И сето тоа, наведено во развојниот план би се финансирало од буџетот на Град Скопје, од дотации, од ЕБОР, но и со кредитирање. Најинтересна е ставката дека финансирањето би се реализирало и од сопствени приходи на ЈСП „Скопје“, претпријатие чии вработени неколкупати протестираа поради ненавремена исплата на плати и кое постојано работи со загуби и со редовни големи субвенционирања од Град Скопје.

Со други зборови, Град Скопје одново го предлага сето она што актуелното раководство не успеа да го направи во две и полгодишниот мандат, затоа што за планираното никогаш не доби поддршка од Советот.

Сепак, очигледно градоначалничката не се откажува, па на претстојната седница, покрај овој развоен план за чие прифаќање шансите се минимални, повторно на дневен ред ги предложи одлуката за давање согласност за склучување договор за имплементација на проектот за брз автобуски превоз во град Скопје и одлуката за домашно долгорочно задолжување на Градот за набавка на еко автобуси.

ЈСП планира да купи 100 автобуси за околу 65 милиони евра, само не се знае кој ќе ги плати

Токму овие два предлога неброено многупати се одбиени од мнозинството советници, односно неприфатливи се за советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се најбројни во градскиот Совет. Со оглед на постојната нетрпеливост меѓу нив и Арсовска, повеќе од јасно е дека двата предлога ќе си останат само на хартија.

Во меѓувреме граѓаните постојано се жалат на нередовни автобуси и на лошиот градски превоз, но нивните реакции нема кој да ги слушне.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот