„АРЕА“ ќе одржи голем летен концерт во Охрид
Во рамките на концертната програма на годинешниот S.O.S. Festival 2026, сцената на Антички театар Охрид ќе ги отвори вратите за една од најголемите македонски рок-групи – „АРЕА“, која на 31 јули (петок) ќе го одржи својот голем летен концерт во живо, под отворено небо.
Препорачано
Ружица, Ивица и екипата од бендот уште еднаш ќе ги отворат своите „Врати на имагинација“ за многубројната публика и ќе ги изведат најпознатите хитови од својот богат музички опус, како „Сите мои слики“, „Пријател“, „Одведи ме“, „Биди мој“… но и сите останати парчиња од нивниот „ѓердан на музички скапоцености“, нанижан низ повеќе од успешната тридецениска кариера.
Софистицираната, а сепак жестока концертна свирка, во која доминираат моќниот и препознатлив вокал на Ружица и прецизните гитарски делници на Ивица, поддржани од цврстата ритам-секција, хармонската подлога на клавијатурите и дискретниот придружен вокал на Елена, настапот на „АРЕА“ го претвораат во концертен перформанс со загарантирано уживање.
Особено кога нивниот концерт се одвива во уникатен културно-историски амбиент под ѕвездено небо, каков што нуди Античкиот театар во Охрид, тогаш доживувањето е навистина единствено.
Затоа, не пропуштајте го концертот на „АРЕА“ на 31 јули (петок) во Античкиот театар во Охрид – настан во организација на Fresh Union – Film, Music and Booking Agency, проект поддржан од Министерство за култура на Македонија.


