
Апелација потврди дека Мицкоски бил навреден и клеветен од СДСМ
Премиерот Христијан Мицкоски, на својот Фејсбук-профил објави дека скопска Апелација ја отфрлила жалбата на СДСМ на пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, со која се потврдува тужбата на Мицкоски дека бил наклеветен на социјалните мрежи од политичката партија СДСМ.
Препорачано
„По којзнае кој пат, откако сум Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но овој пат по судски пат, се докажа дека сум предмет на континуиран измислен и клеветнички напад, јас и моето семејство од страна на политичките противници. Не очекувам да престане оваа методологија, но секогаш кога политичка партија ќе изнесе лажно тврдење, конструирано со невистини и клевети, а не во прашална форма како што често го прават на кукавички начин, ќе ја барам правдата по легален, судски пат“, напиша Мицкоски.
Пресудата е јасна, клеветничката СДСМ, објави премиерот Мицкоски, треба на свој трошок да ја објави пресудата и да се извини за лагите кои се изнесени.
„Ова е уште една потврда дека неколкупати по ред, без исклучок ги губат судските случаи, затоа што клеветат, дури и ваквото судство не може да ги ‘испере’“, напиша на Фејсбук Мицкоски.
СДСМ тврдеше дека тогашниот премиер Никола Груевски му доделил на Христијан Мицкоски земјиште од 33.000 метри квадратни за изградба на хидроцентрали и дека тогаш во фирмата „Енерготек“ Мицкоски поседувал 99 отсто од сопственоста, а не 7 отсто како што тврдеше тој. СДСМ се задолжува да му плати на Мицкоски 2.761 денари судски трошоци, а штетата што ја побара Мицкоски е едно евро.