Анкета: Поддржувачите на Маѓар бараат посилни климатски политики и поголема заштита на ЛГБТK+ правата
Повеќе од три четвртини од Унгарците кои гласале за Петер Маѓар на минатомесечните избори сакаат неговата влада да направи повеќе за справување со климатската криза, а повеќе од 70 отсто сакаат тој да ги заштити правата на ЛГБТК+ заедницата, јавува Гардијан.
Препорачано
Опозициската партија Тиса на Маѓар освои супермнозинство на изборите, со што стави крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан. Новиот премиер ќе положи заклетва во сабота, неколку недели по изборните резултати кои предизвикаа славје во Будимпешта, но и во Брисел.
Кој е Петер Маѓар, човекот што го собори својот детски идол Орбан?
Маѓар, поранешен член на популистичката десничарска партија Фидес на Орбан, има конзервативно потекло и за време на кампањата избегнуваше изјави за прогресивни прашања, веројатно за да не им даде материјал на медиумите контролирани од лојалистите на Фидес, кои според проценките контролираат околу 80 отсто од медиумскиот простор во Унгарија.
Сепак, анкетата спроведена во деновите по изборите и објавена во четвртокот сугерира дека гласачката база на Тиса е наклонета кон прогресивни ставови, што укажува на спротивставените притисоци со кои ќе се соочи новата влада.
Околу 77 проценти од анкетираните гласачи на Тиса изјавиле дека поддржуваат амбициозна климатска политика, додека 71% поддржуваат, или делумно поддржуваат, новата влада да ги заштити правата на ЛГБТК+ луѓето — област која претрпе драматични ограничувања за време на владеењето на Орбан.
Пресуда за забраните од Орбан: анти-ЛГБТ законите на Унгарија ги кршат вредностите на ЕУ
Павел Зерка од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кој ја нарачал анкетата, изјавил дека „тоа било неговото најголемо изненадување во ова истражување“.
„Постои многу јасен мандат новата влада да има попрогресивен став. Но, сè зависи од тоа дали Маѓар ќе ги слуша сопствените гласачи или целокупниот електорат, бидејќи унгарската јавност е многу поделена околу ова“, рече тој.
Акциите што Маѓар и неговата влада планираат да ги преземат во однос на климата и ЛГБТК+ правата остануваат нејасни, и покрај повеќе од две години кампања и изборен манифест од 240 страници.
Ниска е поддршката за украинските воени напори
Анкетата исто така открива и други начини на кои владата веројатно ќе биде влечена во различни насоки: иако гласачите во голема мера рекле дека сакаат промени, тие остануваат поделени по прашања што се критични за Европската унија, како поддршката за Украина и потребата Унгарија да ја намали зависноста од руската енергија.
Додека 64 отсто од анкетираните изјавиле дека очекуваат новата влада да ги подобри односите со Киев, поддршката за украинските воени напори останува ниска.
Со падот на Орбан, Унгарија може да ја отпушти кочницата за Украина во ЕУ
Само 24 отсто ја поддржуваат идејата Будимпешта да обезбеди финансиска помош за Украина, а 12 проценти поддржуваат обезбедување воена помош. Повеќе од половина од анкетираните, 52 отсто, се против прекинување на увозот на руска енергија.
„Убедливата победа на Петер Маѓар беше глас за внатрешни промени, а не за геополитички пресврт. Иако Унгарците се подготвени да свртат нова страница по години корупција и изолација, тие поставија јасни црвени линии околу енергетската независност и националната безбедност на нивната земја — реалности што лидерите во Брисел ќе мора да ги почитуваат“, рече Зерка.
Дилема околу следните чекори на ЕУ
Наодите сугерираат дека напорите на Европската унија да ги преобликува односите со Унгарија — долго време затегнати поради обидите на Орбан да го претстави Брисел како непријател на унгарскиот народ — делумно ќе зависат од тоа дали на Маѓар најпрво ќе му биде оставен простор да се фокусира на внатрешните промени, иако Унијата истовремено се обидува да соработува со него за одмрзнување на милијардите евра од европски фондови.
„Дилемата е што Европската унија и Брисел би сакале да ја искористат оваа можност за поширок пресврт. Но, ако премногу силно притискаат за тие прашања, би можеле да го одвлечат вниманието на новата администрација и истовремено да ризикуваат да му ја скршат политичката кариера на новиот премиер, ставајќи го во позиција во која унгарските гласачи би го гледале како некој што бил принуден од Брисел да прифати неприфатливи компромиси“, смета Зерка.
Тој ја посочи Полска како предупредувачки пример, каде популарноста на Доналд Таск опаднала бидејќи политичката поларизација го спречува да ги спроведе промените што гласачите ги очекувале.
Сепак, овој ризик е ублажен од фактот што 79 отсто од испитаниците изјавиле дека очекуваат новата влада да ги подобри односите со Европската Унија, додека 73 проценти рекле дека се уверени оти Унгарија ќе добие пристап до замрзнатите фондови за закрепнување.
„Виктор Орбан сè уште има начини делумно да ја контролира ситуацијата преку своите луѓе на различни нивоа во државните институции. Затоа, иако денес постојат добри причини за славење, има и подеднакво добри причини за претпазливост во наредните месеци“, забележува Зерка.


