Англија во лов на трофејот, изненадувањата Чешка и Данска во клинч за полуфинале
Денеска се играат преостанатите два четвртфинални натпревари, Англија и Украина ќе играат во Рим, додека во Баку се среќаваат Чешка и Данска.
Во фокусот на фудбалската јавност ќе биде натпреварот на „Олимпико“ во Рим (21 часот), а очите ќе бидат вперени во Англичаните.
Англија предводена од селекторот Гарет Саутгејт игра одлично, досега не прими ниту еден гол, а навивачите со нетрпение го очекуваат натпреварот против Украина за да ги види фудбалерите кои им ја вратија вербата во репрезентацијата која пак нема трофеј од далечната 1966 година и триумфот на Мундијалот. На СП 2018 година во Русија, Англичаните го освоија четвртото место, но јавноста очекува овој пат фудбалерите да одат до самиот крај.
Противник на Англија ќе биде Украина која предводена од легендарниот Андриј Шевченко на клупата го оствари најголемиот успех.
– Што мислите кој е фаворит на овој натпревар? Нема потреба да се размислува премногу бидејќи составот на Англија покажиува се. Сите играчи играат во врвни екипи, не можам да дадам одговор кој е најопасен по нашиот гол. Но, тоа не значи дека ние ќе се предадеме, напротив веруваме дека се е можно. Чуда се случуваат но под услов сите играчи да дадат 100 проценти од своите можности – вели дефанзивецот Николај Матвиенко.
Еден од најнеочекуваните четвртфинални дуели е тој помеѓу Чешка и Данска кои ќе се игра од 18 часот во Баку.
Чесите предводени од одличниот Патрик Шик потсетуваат на славната генерација од крајот на 1990-тите и 2000-години предводени од Павел Недвед беа едни од најдобрите селекции на стариот континент. Овој пат адутот е Патрик Шик кој игра одлично и полуфиналето им е на дофат.
– Ја гледавме Данска на ова ЕП и мислам дека тие имаат сличен стил на игра како нашиот. Мораме да бидеме посветени и сконцентрирани бидејќи една најобична грешка која може да реши се. Сакам да бидеме екипа која ќе профитира од тие грешки и верувам дека ќе биде неизвесен меч – смета селекторот на Чешка, Јарослав Шихлави.
За тоа да се случи ќе мора да ја совладаат Данска која покажа неверојатна сила на Евро 2020. Не се откажаа ниту кога останаа без Кристијан Ериксен кој и понатаму се опоравува од срцевиот удар. Исто така не се предадоа кога речиси беа отпишани по поразите во првите две кола, но се извадија против Русија која ја декласираа со 4:1.
– Нашата мотивација е огромна и со секој ден како поминува таа е се поголема. Знаеме дека целата нација живее со нас и сакаме да го израдување – порача Каспер Хјумланд, селекторот на Данска.