Англија ги штити ранливите и лабораториите: Кој е позитивен на брз тест, не мора да потврди со ПЦР

Во Англија веќе има по близу 700.000 ПЦР-тестирања на ден/Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Лицата во Англија што добиле позитивен резултат на брзите тестови за ковид-19, а немаат симптоми, повеќе нема да мораат да ги потврдат резултатите со потемелни ПЦР-тестови.

Ова е одлука на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, со цел да не се преоптоварат лабораториите и да не се потрошат пребрзо резервите на тестови во период кога ударот на варијантата омикрон создаде долги колони луѓе пред центрите за тестирање.

Лабораториите во Англија имаат капацитет да спроведат околу 800.000 тестирања на ден. Уште во декември, кога омикрон не беше длабоко навлезен, лабораториски тестирања барале по повеќе од 600.000 луѓе на ден, а на 9 јануари биле спроведени 698.502 ПЦР-тестови.

Целта на здравствените власти е да се сочуваат доволно тестови за луѓето што имаат симптоми на ковид-19, како и за вработените во здравството, транспортот и во другите гранки во кои вработените се обврзани да приложат негативен тест. Приоритет за ПЦР-тестовите ќе имаат лицата со три главни симптоми на ковид – висока температура, кашлање и губење на чувството за мирис или вкус.

Агенцијата притоа нагласува дека точноста на брзите тестови е зголемена и дека во речиси 80 отсто ги открива случаите на заразени лица што претставуваат закана за најблиските.

Луѓето што ќе добијат позитивен резултат со брзо тестирање, а немаат симптоми, ќе треба да се изолираат 10 дена, но карантинот може да го прекинат ако добијат два негативни резултати од брзи тестови на шестиот и на седмиот ден од позитивниот. Тие се обврзани да го пријават својот случај кај здравствените власти, за да има попрецизен увид во општата ситуација и за да се олесни следењето на лицата што биле во физички контакт.

Премиерот Борис Џонсон најави дека владата ќе се потпира на науката при одлучувањето дали да го намали од седум на пет дена периодот на задолжителна изолација за лицата што добиле позитивен резултат на тестирање за ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот