Панини албум со сликички - Фото: Инстаграм/panini_sport

Англичанец по 56 години го комплетираше албумот на „Панини“ од Светското првенство во Мексико — денес вреди 10 илјади фунти

Mинатата недела Британецот Стивен Батлер ја доврши колекцијата што ја започнал пред речиси шеесет години, албумот „Панини“ од Светското првенство во фудбал во 1970 година, кој почнал да го собира како 13-годишно дете и го завршил по 56 години. Со последната сликичка конечно залепена во албумот, неговата вредност денес изнесува илјадници фунти, но тој воопшто не размислува да го продаде, пишува „Гардијан“.

Пред пет години, додека се селел во нов дом, Батлер пронашол кутија на таванот за која одамна заборавил. Во неа ги нашол својата училишна капа, неколку тетратки, фотографии и, меѓу сите тие работи, албум со сликички од Светското првенство во фудбал од 1970 година.

„Тоа ми разбуди многу спомени“, раскажува Батлер.

Светското првенство во 1970 година за него значело сѐ. Тогаш бил тринаесетгодишно момче кое живеело во областа Рибл Вали во Ланкашир и за првпат ги гледало натпреварите на Англија во боја, и тоа директно од Мексико Сити. Англија на турнирот пристигнала како актуелен светски шампион, откако во финалето во 1966 година ја победила Западна Германија, што уште повеќе ја зголемило возбудата.

„Сѐ беше во боја, сѐ се пренесуваше во живо и доаѓаше од другиот крај на светот. Кога татко ми купи телевизор во боја, си реков: по ѓаволите, нека почнат училишните распусти.“

По многу децении, Батлер бил изненаден колку детали сѐ уште памети. Најмногу размислувал за играчите и за тоа како ќе ја издржат жештината, но додека го прелистувал албумот, се потсетувал и на своите омилени фудбалери — Пеле и Жаирзињо, кои играле за Бразил во финалето, како и на италијанските фудбалери Бонинсења и Факети, кои му оставиле впечаток дури и само поради нивните необични имиња.

Сликичките биле внимателно собирани уште во 1970 година, кога започнало шеесетгодишното партнерство меѓу компанијата што ги издавала албумите и Светската фудбалска федерација, кое треба да заврши во 2030 година. Во тоа време, Батлер плаќал по пет стари пени за пакетче со четири сликички, купени од продавници за слатки и тутун. Но, додека како возрасен повторно го разгледувал албумот, забележал дека му недостига една сликичка.

Не недостигал фудбалер, туку држава. Чиле имала посебна сликичка како домаќин на Светското првенство во Сантијаго во 1962 година, а Батлер никогаш не успеал да ја пронајде.

Така, уште пет години албумот останал недовршен, ставен во нова кутија, во нов дом. Сѐ додека неодамна Батлер не слушнал на радио дека производителот на албумите ќе престане да ги изработува за Светската фудбалска федерација.

„Штета е кога се губи толку големо наследство“, вели Батлер. „Тоа остава горчлив вкус.“

Повторно го земал албумот в раце и помислил на сликичката што недостигала.

„Јас не сум колекционер“, вели Батлер.

Но, овојпат решил дека треба конечно да ја заврши приказната. Почнал да пребарува на интернет и по подолго барање нашол човек што ја продавал токму таа сликичка од Чиле.

Токму на денот кога Светската фудбалска федерација официјално објавила дека партнерството ќе заврши во 2030 година, Батлер ја довршил колекцијата што ја започнал во годината кога тоа партнерство започнало. За сликичката платил 150 фунти, сума што му изгледала висока, но целосно пополнети албуми од 1970 година денес на аукции достигнуваат вредност од седум до десет илјади фунти.

„Ако се земе предвид дека четири сликички чинеле пет пени, денес албумот вреди околу илјада пати повеќе од неговата првична цена“, изјавил Батлер.

Сепак, тој нема намера да го продава.

„Тоа е дел од мојот живот — ми буди интересни спомени“, вели тој. „Моите спомени не му припаѓаат на некој друг, нели?“

Стивен Батлер денес има шеесет и девет години и живее во близина на Чичестер заедно со сопругата Хелен. Тие имаат три возрасни деца, кои, како што вели тој, „со задоволство би го земале албумот“.

„Ќе мора да наддаваат за него, зарем не?“, се пошегувал Батлер.

ФОТО | По 60 години соработка, крај на легендарните албуми со сликички на „Панини“ — ФИФА најави ново партнерство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот