Анализа на „Њујорк тајмс“: „Која е поврзаноста меѓу Веља Невоља и неговите мафијаши со Александар Вучиќ“

фото: Архива

Престижниот „Њујорк тајмс“ објави голем напис за мафијата во српскиот фудбал и наводната поврзаност со српскиот претседател Александар Вучиќ и Владата на СрбијаНовинарот Ендру Хигинс пишува за водачот на навивачите на Партизан, Вељко Беливук и неговата организација, која е обвинета за бројни злосторства, од трговија со дрога до изнуда, тортура и убиство.

Набргу откако Беливук, осомничен за водење на криминална банда поврзана со серија на убиства во кои жртвите беа мачени и обезглавувани, беше уапсен минатиот месец, српската полиција изврши рација во бункер за кој веруваа дека е тајно дувло на бандата: користена просторија на стадионот во Хумска од белградски Партизан.

Просторијата во урнат ресторан под трибините беше запечатена како сцена на злосторство, откако таму истражителите, кои бараа докази за поврзаност меѓу фудбалски хулигани и организиран криминал, пронајдоа оружје. Надворешниот ѕид е обоен во бело-црно и испишано е името што го користат навивачите на Партизан – „Гробари“.

– Ова име е заслужено. Српските љубители на фудбалот, барем оние кои го искористија пандемискиот период да се најдат под бучната јужна трибина на стадионот Партизан, и нивните подеднакво анархични ривали од Црвена звезда, имаат долга репутација за екстремно насилство, се вели во текстот.

Авторот потсетува дека 14 навивачи на Партизан беа осудени за убиство на француски навивач на Тулуз, кој дојде на мечот со Партизан во 2009 година, а потоа беше претепан до смрт со железни шипки.

Прашањето сега е што доведе до апсење на Беливук, за кого се рече дека е близок до српската влада и безбедносните сили. Се споменува и прес-конференција што ја одржа Александар Вучиќ со министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, на која тој покажа фотографии од осакатени тела за кои се сомнева дека се жртви на бандата на Беливук.

„Њујорк тајмс“ го покренува прашањето каде лежи врската меѓу Беливук и српската влада. Во владиното соопштение, Беливук се нарекува брутален мафијаш чие апсење сигнализира решителност за ограничување на криминалните банди кои помогнаа во разгорување на бран насилства во 90-тите години на минатиот век.

– Нашата порака е дека завршивме со оваа банда, рече Вучиќ.

Сепак, претседателот на фудбалскиот синдикат „Независност“, Мирко Поледица, тврди дека фудбалските хулигани во Србија се контролирани од државата и дека тие го прават она што им го наложува државата.

Тој рече дека насилните навивачи како Беливук се толку застрашувачка сила што контролата врз нив отсекогаш била приоритет на секоја влада што сака да избегне проблеми и да остане на власт. Поледица тврди дека Беливук бил алатка на Владата што била искористена за разбивање на протестите, како и дека ја обезбедил инаугурацијата на Вучиќ во 2017 година на улиците.

„Њујорк тајмс“ потсетува и на изјавата на српската премиерка Ана Брнабиќ дека „Беливук бил далеку од партнерот на Вучиќ“.

– Имам веродостојни информации дека неговиот живот бил загрозен. Јасно е дека криминалните кланови развиле силна врска со безбедносните структури. Мафијата не би била толку силна без поддршка, рече Брнабиќ.

„Њујорк тајмс“ пишува дека сите оние кои рекоа дека Вучиќ крие нешто, биле нападнати од провладините медиуми. Така стори и Владимир Вулетиќ, белградски професор и поранешен претседател на Партизан, кој излезе во јавноста со обвинувања за договор на владата со уапсениот водач на бандата.

Српскиот премиер тврди дека српската влада не стои зад овие напади.

Стеван Дојчиновиќ, главен уредник на невладина истражна група на новинари „Крик“, исто така, рече дека организираниот криминал во Србија – и владини претставници – веќе долго време се поврзани со „бруталната сила на природата“ обезбедена од фудбалски хулигани.

– Политичарите отсекогаш се плашеле од нашите хулигани. Без оглед кој е на власт, тие секогаш воспоставуваат партнерство со нив, рече тој.

Сепак, според „Њујорк тајмс“, проблемите во партнерството со хулиганите станале очигледни по смртта на српскиот претседател Слободан Милошевиќ. За време на неговото владеење во 90-тите, хулиганите се приклучија во редовите на паравоените групи финансирани од државата, кои ширеа хаос во Босна и Косово по распадот на Југославија.

Дека Милошевиќ, кому Вучиќ му беше министер за информации и чии безбедносни служби тесно соработуваа со хулигани и криминалци, беше во сериозни проблеми, стана јасно кога навивачите на Црвена Звезда почнаа да извикуваат на натпревари „Убиј се, Слободан“.

Милошевиќ ја загуби власта во 2000 година, откако навивачите ги водеа студентите и другите демонстранти во нападот врз зградата на парламентот во Белград.

Кога Југославија започна да се распаѓа кон крајот на осумдесеттите години, раниот знак на претстојната војна се појави во мај во 1990 година кога Црвена звезда гостуваше на натпревар во Загреб. Натпреварот беше прекинат, откако ривалските навивачи предизвикаа немири и го запалија стадионот.

Меѓу приврзаниците на Црвена звезда што патуваа во Загреб на мечот беше и Вучиќ, кој подоцна се пофали дека „често се борел“ на натпреварите.

– Нашите политичари секогаш се плашат од стадионот и од неговата страшна сила. Тие знаат дека секое незадоволство на стадионот може брзо да се прошири на улица. Тие сакаат да го контролираат, вели Поледица, шеф на здружението на фудбалери.

Тој додаде дека не знае зошто властите се свртеа против Беливук, но шпекулира дека Беливук и неговите следбеници отишле предалеку.

Сите знаеја дека се насилни, дека тепаат луѓе и се закануваат. Но обезглавување?“

Поранешниот потпретседател на Партизан, професорот Владимир Вулетиќ, рече дека „Беливук и Сале Мутави, кој беше убиен, ја презедоа трибината на Партизан кратко откако Вучиќ стана премиер во 2014 година, по што почнаа да ги тепаат сите што зборуваат против него“.

– Обичните навивачи на Партизан никогаш не го прифатија како свој, туку како некој што го вметна Вучиќ со цел да ги дискредитира навивачите на најголемиот ривал на неговиот тим – Црвена звезда, заклучува авторот на текстот.

Преземено од jutarnji.hr

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот