Фото: wallpaperflare.com

Американци стоп! Две земји им забранија влез на државјани на САД

Соединетите Американски Држави се најдоа во нов дипломатски спор со неколку африкански земји, откако Мали и Буркина Фасо воведоа забрани за патување за американските граѓани. Овие мерки доаѓаат како директен одговор на одлуката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да им забрани влез во САД на граѓаните на двете земји, пишува Би-би-си.

Властите во Бамако и Уагадугу соопштија дека станува збор за реципрочни мерки, оценувајќи ги потезите на Вашингтон како еднострани и неоправдани. Министерството за надворешни работи на Мали објави дека американските граѓани ќе подлежат на истите услови што САД им ги наметнаа на државјаните на Мали, при што одлуката стапува на сила веднаш. Во соопштението се наведува дека американската забрана е донесена без консултации и не ја одразува реалната безбедносна состојба во земјата.

Сличен чекор презеде и Буркина Фасо. Министерот за надворешни работи, Карамоко Жан-Мари Траоре, потврди дека се воведени „еквивалентни визни мерки“ за американските граѓани, нагласувајќи дека станува збор за принцип на реципроцитет.

Кон средината на декември, администрацијата на Трамп го прошири списокот на земји чии граѓани имаат забрана за влез во САД, при што Мали и Буркина Фасо беа додадени на листата. Целосна забрана беше воведена и за Нигер, Јужен Судан и Сирија, додека Лаос и Сиера Леоне, кои претходно беа делумно ограничени, сега исто така се опфатени со целосна забрана. Американските власти во меѓувреме им препорачаа на своите граѓани да избегнуваат патувања во овие земји.

Според информации на Ројтерс, и Нигер вовел слични ограничувања за американските граѓани, иако официјална потврда сè уште нема. Мали, Буркина Фасо и Нигер моментално се под власт на воени хунти кои дојдоа на власт преку државни удари и во меѓувреме формираа заеднички сојуз, при што, според меѓународни извештаи, се потпираат и на поддршка од руски платенички групи.

Белата куќа соопшти дека претседателот Трамп потпишал извршна наредба за проширување и зајакнување на ограничувањата за влез за земји со, како што се наведува, сериозни недостатоци во безбедносната проверка и споделувањето информации. Американските забрани стапија во сила на 1 јануари 2026 година, додека контрамерките на Мали и Буркина Фасо се применуваат веднаш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот