Алушовски: Имаме план за успех против Спортинг
Ракометарите на Еурофарм Работник ги одбојуваат последните часови пред дебитантскиот настап во Лигата на шампионите. Во недела, по пауза од 13 години, битолчани повторно ќе следат натпревар од Лигата на шампионите, Еурофарм го пречекува португалскиот тим Спортинг Лисабон. Иако се дебитанти во елитното ракометно натпреварување, битолчани се подготвени да го изненадат фаворизираниот противник.
Препорачано
– Спортинг е фаворит во нашата група, тоа е тежок противник но имаме план да го изненадиме фаворитот. Нашиот тим ќе биде засилен со враќањето на Остроушко кој минатата година беше носител на играта на Eурофарм Работник. Уште на стартот ќе играме против силен тим, ја анализиравме играта на Спортинг кој одигра четири официјални натпревари и на сите четири победи. Ќе се обидеме да најдеме игра за нив и да ги изненадиме – вели Стевче Алушовски.
И ракометарите со нетрпение го очекуваат неделниот натпревар во желба да покажат дека сосема заслужено се дел од Лигата на шампионите.
– Голема чест е што сме дел од Лигата на шампионите и што се натпреваруваме со најдобрите во Европа. Спортинг е фаворит, не само на овој натпревар, туку и во групата, но кај нас владее позитивна енергија, добро сме подготвени и можеме да го изненадиме Спортин – рече капитенот на македонскиот вицешампион, Гоце Ојлевски.


