Алкалоид: Судењето во Охрид беше скандалозно, поднесовме жалба до РФМ
Дерби пресметката во ракометната Суперлига меѓу Охрид и Алкалоид заврши без победник (27-27), но по натпреварот најмногу реакции пристигнаа од таборот на гостинскиот состав од Автокоманда.
Препорачано
Во редовите на Алкалоид владее големо незадоволство од арбитражата и клубот истакна дека поднеле официјална жалба до Ракометна федерација на Македонија. Според нив, судиската двојка Виктор Начевски и Данило Божиновски не одговорила на задачата и донела повеќе спорни одлуки.
Претседателот на клубот, Горан Минов, по натпреварот упати остри критики кон судењето.
„Дерби натпреварот во Охрид беше со сите карактеристики на дерби меч, во кој движењето на резултатот во текот на сите 60 минути беше во рамки на еден до два гола разлика. Натпреварот можеше да биде резултатски прекршен во кој било период од играта, а тоа особено се однесува на финишот. Сметаме дека РК Алкалоид е драстично оштетен со катастрофалното судење на судиската двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски. Судењето беше лошо во текот на целиот меч, критериумите не беа изедначени, а во неколку наврати беа донесени одлуки на штета на РК Алкалоид за кои сметаме дека директно влијаеја на конечниот исход на дербито“, изјави Минов.
Од клубот дополнуваат дека очекуваат Ракометна федерација на Македонија без одложување внимателно и стручно да ја разгледа поднесената жалба и да утврди дали арбитражата на овој натпревар ги исполнила основните стандарди за фер и непристрасно судење.


