Зијадин Села и Африм Гаши / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Алијанса и Алтернатива ќе станат една партија?

Коалициските партнери Алијанса за Албанците и Алтернатива планираат да се спојат во еден политички субјект, дознава „Слободен печат“ од извори во коалицијата.

– Се зборуваше за спојување на двете партии на различни нивоа во двата политички субјекти. Доколку ова се случи, тоа ќе се случи по локалните избори. Тогаш оваа тема ќе биде отворена во партиските тела на двете партии и би било добро да се организира конгрес на кој тие би се обединиле – велат партиски извори.

Генералниот секретар на Алијансата за Албанците Арбен Таравари не ги негира овие информации.

– Засега функционираме совршено како коалиција. Мислевме за спојување како идеја, но не седнавме да разговараме сериозно. Секако, ваквите одлуки ги носат партиските тела – вели Таравари.

Од Алтернатива на Африм Гаши ниту ја негираат, ниту ја потврдуваат информацијата за евентуално спојување во иднина на двете партии во една. 

– Ние сме две партии што направивме коалиција. Нашата примарна идеја беше да го собереме и обединиме албанскиот глас за да ја направиме долгоочекуваната промена во албанскиот политички табор. Други идеи, покрај ова, не се отворени на нашите партиски форуми – ни изјави партискиот портпарол, Орхан Муртезани.

Политичкиот аналитичар Фатон Алити оценува дека евентуалното спојување на двете партии има и позитивни и негативни страни.

– Позитивното е што тие ќе добијат поголем обем како субјект и нема да бидат третирани како регионални партии. Негативна може да биде нивната разлика во визијата за Македонија, како што е верувањето дали треба да бидеме под западно или турско геополитичко влијание – вели Алити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот