Албанската виртуелна министерка е „на апарати“, снема струја
Виртуелната министерка во албанската влада, која премиерот Еди Рама минатата есен ја најави како технолошки исчекор и како симбол на модерна политика, деновиве престана да функционира, објави „Албејнијан пост“.
Препорачано
Според информации од албанските медиуми, дигиталната министерка по име Диела во изминатиот период не била во состојба да комуницира со граѓаните, да обработува барања, ниту, пак, корисниците можеле нормално да добиваат електронски фактури.
Диела е поврзана со платформата „е-Албанија“, преку која се обезбедува пристап до речиси сите државни услуги во електронска форма.
Причината за прекинот, односно за нефункционирањето на системот, била технички проблем настанат поради прекин во снабдувањето со електрична енергија, што предизвикало застој во автоматизираните процеси и во дигиталните сервиси.
Рама ја именува првата виртуелна министерка на светот, генерирана од вештачка интелигенција
Според „Албејнијан пост“, дошло до сериозни прекини во услугите, што влијаело врз нормалното функционирање на системот.
Во меѓувреме, техничките екипи работат на отстранување на дефектите. Дел од функциите наводно веќе се повторно активни, додека целосното стабилизирање и враќање на системот се очекува во наредните денови.
Виртуелната министерка Диела, која е базирана на вештачка интелигенција, беше официјално претставена на 11 септември минатата година, на седница на Албанската социјалистичка партија.
Нејзината задача е да врши надзор врз сите процеси поврзани со државните набавки во земјата.
Од владата веруваат дека воведувањето на вештачка интелигенција во овој сегмент ќе овозможи целосна транспарентност, ќе ја минимизира можноста за злоупотреби и ќе обезбеди јавните средства и тендерите да бидат управувани без корупциски ризици.
ВИДЕО: Виртуелната албанска „министерка“ Диела се обрати преку Фејсбук


