Активисти тужат холандска авиокомпанија бидејќи „немала еколошки летови“

КЛМ авион / Фото EPA-EFE/KOEN VAN WEEL

Кога холандската авиокомпанија КЛМ објави реклами во кои ги повикува патниците да „летаат одговорно“ и да размислуваат за влијанието врз животната средина пред да резервираат лет, таа соопшти дека ја покажува својата посветеност на целите за одржлива иднина.

Но, рекламната кампања од 2019 година наишла на критики, а активистите поднеле тужба против КЛМ минатата година, тврдејќи дека нејзината кампања е погрешна затоа што дава лажни тврдења за придобивките за животната средина од нејзините практики.

Тужбата поднесена од здружението „Фосил Фри Недерландс (ФФН)“ најдобро ја претставува дилемата со која се соочуваат авиокомпаниите додека се стремат да го зголемат профитот за акционерите, но и да ја убедат јавноста дека преземаат чекори за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Критичарите тврдат дека овие пораки се непомирливи, а има се повеќе тужби, жалби на потрошувачите и правила од регулаторите за рекламирање кои се обидуваат да ги ограничат компаниите од погрешни реклами и пораки поврзани со одржливиот развој.

„Во моментов единствениот начин да летате одговорно е да не летате“, рече Хиске Артс, кој води кампања за ФФН.

КЛМ, која подготвува одговор на тужбата, вели дека има намера да биде лидер во индустријата во намалувањето на емисиите и комуникацијата со прашањата за одржливост.

Тој посочува и дека во нивната кампања им препорачале на патниците да користат возови или да купуваат т.н „јаглероден офсет“, што значи дека емисиите создадени во еден сектор може да се компензираат со намалување на емисиите во друг сектор.

Таа компанија треба да го достави својот прв официјален одговор на тужбата до окружниот суд во Амстердам до 27 септември. Рочиштето е закажано за 6 декември, а пресудата се очекува во февруари.

Во јуни, европската асоцијација за правата на потрошувачите БЕУЦ поднесе жалба до Европската комисија против 17 авиокомпании за погрешна и нефер употреба на зборовите „одржлив“, „одговорен“ и „зелен“.

„Причината поради која се фокусиравме на авиокомпаниите е веројатно затоа што тоа е најочигледниот сектор што го користи методот на погрешни тврдења за животната средина во нивното рекламирање“, рече Димитри Верњ од ФФН.

Тој посочува дека технологии за ниски стапки на емисија на ЦО2 во воздухопловството или не постојат или се години оддалечени од комерцијализација.

Сопственикот на КЛМ, Ер Франс-КЛМ, во својот годишен извештај за 2022 година предупредува дека неговата деловна активност е загрозена поради нејзината негативна еколошка репутација и дека може да ја изгуби јавната и политичката поддршка.

На 1 септември, холандската влада објави дека ќе го ограничи бројот на летови на домашниот аеродром на КЛМ, Шипхол во Амстердам на 9,5 отсто под нивото од 2019 година, првенствено поради загадувањето со бучава и со цел да се намалат емисиите на ЦО2.

Ер Франс-КЛМ и другите авиокомпании рекоа дека имаат намера да ја оспорат одлуката на европско ниво. КЛМ тврди дека има намера да ги исполни своите цели за климата до 2030 година со купување поефикасни авиони и постепено преминување на биогориво.

На својата веб-страница, сега наместо пораката „летајте одговорно“, КЛМ им порачува на патниците: „Авионскиот пат не е одржлив во моментов. Проверете што правиме за да се подобриме“.

Хиске Артс смета дека авиокомпаниите треба да се третираат како тутунската индустрија, да им се забрани рекламирање и да пишува предупредување на билетите.

Авиокомпаниите отфрлаат каква било споредба со тутунската индустрија и тврдат дека воздушниот сообраќај има јасна економска корист, додека пушењето не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот