Ако содржи палмино масло не е млечен производ- строги контроли во Србија
Инспекциските служби на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија започнаа со контрола на спроведувањето на новата Уредба за задолжително декларирање на производи што содржат палмино масло или други растителни масти и масла, кои по својот изглед, име или начин на рекламирање можат да се поврзат со млечни производи.
Препорачано
Контролите се спроведуваат низ цела Србија, во малопродажни синџири, преработувачки индустрии и дистрибутивни центри, со цел да се утврди дали сите обврзани субјекти постапиле во согласност со прописите што стапија на сила на 1 август 2025 година.
Министерот за земјоделство, проф. д-р Драган Гламочиќ, изјави дека нема да има толеранција за оние што ќе се обидат да го заобиколат законот.
„Сите производи што не содржат млеко, а чиј изглед, име или пакување личат на сирење, павлака или други млечни производи, мора да бидат јасно и видливо означени. Ова е значаен чекор во заштитата на потрошувачите, но и силна поддршка за домашното производство и фер пазар“, рече министерот, додавајќи дека „ова е прашање на доверба и заштита на јавното здравје“.
Во соопштението се потсетува дека производите што биле пласирани на пазарот пред 1 август, а кои немаат пропишани ознаки, можат да се продаваат до истекот на рокот, но не подоцна од 31 декември 2025 година.
Министерството, исто така, потсетува дека граѓаните можат да ги пријават сите неправилности преку официјалните канали на оваа институција. Непочитувањето на регулативата ќе резултира со казни до три милиони динари за правните лица, како и забрана за продажба на предметните производи.
Како што е најавено, контролите ќе бидат засилени во наредните недели за да се обезбеди целосна имплементација на новите правила низ цела Србија.
Според новите регулативи, производите што содржат палмино или друго растително масло повеќе не смеат визуелно да се презентираат или рекламираат како млечни производи. Новиот режим на декларирање има за цел да спречи заблудување на потрошувачите и да обезбеди транспарентност во трговијата со прехранбени производи.


