Ако се заштитат работниците, понудата е прифатлива: Синдикатот на Стопанска банка-Битола за преземањето
Синдикатите на вработените во Стопанска банка АД Битола доставија мислење за понудата за преземање на банката од страна на Алта банка од Белград. Во документот се истакнува дека понудата е прифатлива, но под одредени услови кои се однесуваат на заштита и унапредување на правата на вработените.
Препорачано
„Бараме од преземачот да ни достави детален долгорочен план за вработените, со јасна визија за нивно унапредување и соодветно наградување, вклучително и зголемување на платата,“ пишува во мислењето на синдикатите.
Според Проспектот за преземање, Алта банка очекува зголемување на обемот на активностите и раст на бројот на вработени, а синдикатите сметаат дека ова е можност за модернизација на работењето и подобрување на корисничкото искуство.
Истовремено, синдикатите нагласуваат дека прифаќањето на понудата е условено од „единствено хоризонтална прераспределба на вработените во однос на потребите на банката и вертикална прераспределба исклучиво во насока на раст и унапредување, без намалување на хиерархиски нивоа“.
„Сметаме дека успешната реализација на преземањето ќе влијае и врз стабилноста на Стопанска банка АД Битола,“ додаваат синдикатите, потенцирајќи дека застапуваат над 90% од вработените во банката.


