Ајдински: Требаше да се почека со поништувањето на дипломите на студентите, меѓу нив е еден од најперспективните млади научници
-Се поништија дипломи! Зошто не се почека и да се види Управен суд и други правни инстанци за пропустите во увидот па и во решението на инспекторатот!? – реагира професорот Горан Ајдински, откако министерката Весна Јаневска објави дека се поништуваат осум спорни дипломи на Филозофски, како и две на Славјански универзитет.
Препорачано
„Запишани се на втор циклус на студии на Институт за специјална едукација и рехабилитација на програми акредитирани согласно Законот за високо образование од 2008 година (акредитација на програмите започна во 2018). Во моментот на запишување веќе стапува на сила Законот за високо образование од 2018 година. Додатокот на диплома во текстот овозможува упис на академски студии. Заедно, плус една година специјализација имаат вкупно 240 кредити. Тоа се четири години и се запишуваат на посдипломски студии. Има повеќе такви случаи и на други факултети на УКИМ. Член 5 од Правилникот на УКИМ, кој е на сила овозможува да се запишат на студиите. Го прочитале ова, писмени се!“, напиша на Фејсбук Ајдински, кој од 2009 до 2017 година беше декан на Филозофскиот факултет.
Исто така, Ајдински објави посебно за Денис Арсовски, кој, како што вели, до неодамна бил запишан како магистер на докторски студии на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, а сега е испишан од студии и му е поништена магистерската диплома.
„Инаку има тригодишно стручно факултетско образование плус една година специјализација. И како и многу други, се стекнал со 240 кредити за упис кој не се дозволува затоа што нема академско звање. Ама како за беља, овој да ти напише 41 труд на своја 31 година и да ти биде еден од најперспективните млади ‘научници’ во Македонија. Па да ти го цитираат многу други научници. Па бељата да биде поголема, да ти биде респектиран и од научници и стручњаци од светот“, стои во јавната реакција на Ајдински.
Професорот Тони Дескоски на ова се надоврза дека подзаконски акт не може да менува или дерогира закон.
„На УКИМ вообичаена пракса беше (а на некои факултети сѐ уште е), со пониски општи акти да се дезавуира Законот“, напиша Дескоски.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, завчера објави дека случајот на Филозофскиот факултет при УКИМ и уште еден случај на Славјанскиот универзитет се пријавени во Oбвинителството.
Како што кажа, поништени се осум спорни дипломи на Филозофски, како и две на Славјански.
Истовремено, таа тврди дека МОН постапува строго според законските одредби и не прави разлика меѓу државните и приватните високообразовни установи.
„Информациите за поништените дипломи денеска ќе бидат официјално објавени во дневните весници и на веб-страницата на Министерството за образование и наука“, посочи таа.


