Афера „Ерменска врска“ | Дипломатот Миле Миленкоски: Сакам да ми се суди во Македонија!

Миле Миленкоски Фото: .linkedin

Во обраќање до „Слободен печат“ уапсениот македонски дипломат Миленкоски, кој е во екстрадикционен притвор во Врање, Србија, вели дека во доставените докази од Ерменија „нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има“ и дека верува дека „РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните (во Македонија) ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ“

Редакцијата на „Слободен печат“ деновиве беше контактирана од семејството на Миле Миленкоски, македонскиот дипломат кој на 27 август годинава беше уапсен во Србија по потерница на Интерпол издадена на 15 февруари 2020 година по барање на Република Ерменија. Тие ни предадоа писмена порака од Миленкоски со која тој реагира на медиумските објави во државава по повод инцидентот во кој е вмешан. Во реакцијата Миленкоски вели:

„Жалам што поради тоа што покрај мојот углед, со овој настан беше нарушен и угледот на МНР и на Владата на РСМ. За ништо на светот не би наштетил на мојата чест и углед, на семејството, на Министерството кое ми даде се во животот, ниту на Владата на РСМ. Бидете уверени дека ни во овој случај нема никаква вина кај мене, ниту прекршок, ни кривично дело, што е случај во целиот мој живот и кариера. Секако, тоа ќе го покаже и истрагата.

Дотогаш, молам да се воздржите од шпекулации и непроверени информации, бидејќи со тоа ги повредувате чувствата на моето семејство и со тоа ја отежнувате и онака тешката состојба во која се најдовме во овој немил настан.

Жалам што поради настанатата ситуација не сум во можност да му се придружам на одличниот тим во Мисијата на РСМ во Виена која се подготвува за веројатно најголемиот предизвик за нашата дипломатија, претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. За оние кои се посомневаа за мојата дипломатска адекватност таму да бидам испратен како министер-советник, само на кратко: магистер сум по Европски интеграции, со 23-годишно искуство во МНР, со три мандати во странство како дипломат. Мојата втора книга, чија тема беа македонските граници, ја финансираше ОБСЕ. Две години бев контакт-лице за гранична безбедност на ОБСЕ во нашата држава. Учесник сум на повеќе конференции на ОБСЕ и модератор на една од нив. Две години бев заменик постојан претставник во Постојаната мисија на РСМ во Виена.“

„Префрлете ме во Македонија“

Во својата реакција, Миленкоски понатаму им се заблагодарува „на сите роднини и пријатели кои ми пружија поддршка на мене и на моето семејство во периодот во кој ми беше потребно“ и додава:

„Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов.“

Како што е познато, по апсењето на Миленкоски тој беше експресно суспендиран на шест месеци од неговото матично Министерство за надворешни работи, а сите надлежни институции во државава се дистанцираа од инцидентот соопштувајќи дека немаат никакви детали за настанот. Министерот за правда Бојан Маричиќ минатата среда изјави дека неговиот ресор не добил никаква информација „по која треба да бараме екстрадикција или трансфер на осудено лице“.

Кривична по службена должност

Во меѓувреме, по барањето за екстрадикција на Миленкоски во Ерменија идната недела треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш, откако овластен адвокат од Врање го обжалил решението на Вишиот суд во Врање од 22 септември, како причина наведувајќи го „погрешното и непотполно утврдување на фактичката состојба“ во пресудата, како и поради битни повреди на кривичната постапка и погрешната примена на материјалното право.

Дополнително, во настојување Миленкоски наместо во Ерменија, како македонски државјанин и наш дипломат, да биде испорачан во Македонија, во текот на вчерашниот ден, овластен адвокат од семејството на Миленкоски до Јавниот обвинител на РСМ поднел Предлог за преземање на кривично гонење по службена должност, бидејќи Ерменија го обвинува Миленкоски за „недозволено преминување на државна граница“, што е дело кое е опфатено и со Кривичниот законик на РСМ. Адвокатот бара за Миленкоски, кој е странски државјанин за Ерменија, да се води кривична постапка во РСМ, тој тука да биде испорачан од Србија, па доколку биде осуеден, затворската казна да ја издрежува во неговата матична држава.

Од семејството информираат дека во изминатите неколку дена тие ги доставиле сите документи што ги поседуваат за случајот до „сите надлежни институции во државава“, бидејќи никој од Македонија официјално не пројавил интерес до судските инстанци во Србија да ја добијат документацијата за случајот со Миленкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ НА ОВАА ТЕМА:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот