САД ја убедува Бугарија да го тргне ветото за ЕУ во декември

Софија, Бугарија, илустрација / Фото: Архива на Слободен печат

Бугарија сака две работи – тотална гаранција дека Македонија никогаш нема да го подига прашањето за македонското малцинство во Бугарија и да се редефинира како нација на пробугарска основа со бугарски јазик, историја и култура до 1944 година. Сѐ помалку од тоа за Бугарија е недоволно, вели Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин

Соединетите Американски Држави повторно ја истакнаа својата желба Македонија и Албанија до крајот на годината да ги почнат преговорите за членство во ЕУ, но според аналитичарите, мали се шансите Бугарија да го деблокира усвојувањето на преговарачката рамка оваа година и покрај очекуваниот американски притисок, заради неизвесноста кога ќе се формира политичка влада.

Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар на онлајн средба со бугарските медиуми рече дека САД се убедени Северна Македонија и Албанија направија важни, понекогаш и болни реформи за да се придвижат кон членството во ЕУ така што затоа заслужуваат преговорите да ги започнат што е можно поскоро.

– Се надевам дека сите европски држави ќе ја разберат стратегиската важност од тоа да им дозволат на овие две држави да ги започнат преговорите за членство. Се надевам дека ЕУ, како и одделните земји членки, ќе ја осознаат стратешката важност на европската интеграција на балканските држави – порача Ескобар, пренесе МИА.

Стојков: Со достоинство до решение следната година

Според Стојко Стојков, копретседател на партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин, во Бугарија нема волја за деблокирање на преговорите на Македонија, а перцепцијата на бугарските политичари за односот и начините како да се изгради вистинско добрососедство со нашата земја, се влошиле во оваа изборна година.

– За деблокада може да помогне само огромниот меѓународен притисок што се оформува. Проблем е што во Бугарија нема регуларна влада, а нема да има ни до почетокот на декември. За да направи нешто, таа влада треба да има и силна парламентарна поддршка. Така што, надежта за декември е слаба, но за потоа, може – вели Стојков за „Слободен печат“.

Според него, за деблокада не е доволна добрата волја од македонска страна и намерата да се тргне квалификативот „бугарски“ пред „фашистички окупатор“ што ја изрази премиерот Зоран Заев.

– Бугарија сака две работи – тотална гаранција дека Македонија никогаш нема да го отвори прашањето за македонското малцинство во Бугарија и дури и ќе се солидаризира со Бугарија во негирањето на неговото постоење, и второ, да се редефинира како нација на пробугарска основа, со бугарски јазик, историја и култура до 1944 година. Сѐ помалку од тоа за Бугарија е недоволно.

Меѓутоа, Бугарија не е Грција и нема сила и влијание сама да ја блокира Македонија подолго време. Таа застана на патот на европските и на американските интереси во критичен момент и притисокот врз неа ќе биде огромен. Не верувам дека има сила долго да го издржи. Така што, повеќе достоинство и трпение од македонска страна може да доведе до решавање на прашањето следната година – вели Стојков.

Во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан идната недела во Скопје деновиве престојуваа претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, која порача дека ЕУ е на ред да ги исполни своите обврски кон нашата земја, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи, кој повтори дека Западен Балкан е клучен приоритет за ЕК, а иднината му е во ЕУ. Не се откриваат детали за што конкретно се разговарало, а премиерот Заев најави можност за договор со Софија затоа што оттаму доаѓаат позитивни сигнали, но и дека евентуално договореното ќе се спроведе откако Бугарија ќе ја отстрани блокадата во Брисел на состаноците во декември.

Димитров: Има дискриминација, ама не кај нас

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук вчера порача дека спорот меѓу Скопје и Софија треба да се реши што е можно поскоро и изрази оптимизам, иако двете земји се во предизборен период.

– Очекувам Бугарија и Република Северна Македонија да ги намалат тензиите, да промовираат регионална стабилност и да работат заедно за конечно да се постигне сеопфатен и правно обврзувачки патоказ за нормализирање на нивните односи и почнување на преговарачкиот процес. Сè уште има време до крајот на годината да имаме позитивен развој, но за оваа цел потребно е двете земји да покажат политичко лидерство и одлучност – рече Ќучук на средба со амбасадорите на земјите од Западен Балкан во Брисел.

Во Стразбур, пак, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во специјалното обраќање пред Парламентарното собрание при Советот на Европа ги повтори жртвите што ги направи земјата на патот кон ЕУ и разочарувањата од двете вета од Бугарија. Димитров нагласи дека спорот со Бугарија не е територијален, туку е за различната интерпретација на историјата.

– Ниту една земја не може да ни каже или да ни диктира кој е нашиот идентитет и кој јазик го зборуваме. Тоа не е добрососедство ако му се прави на својот сосед. Ако има добро решение, тоа треба да биде според европскиот дух. Преземениот ангажиран излезе од колосекот и беше пренасочен и тоа не беше по наша грешка – нагласи вицепремиерот пред ПССЕ.

Тој како неоснована ја оцени забелешката на поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева дека „во Република Северна Македонија се дискриминираат оние што сакаат да се изјаснат како Бугари и дека има говор на омраза“.

– Нема ниту една жалба за дискриминација по оваа основа, ниту тужба пред Европскиот суд за човекови права. Запознаен сум за други случаи, но тие не се против нашата земја. Не знам какви се тоа обвинувања за кои се зборува во бугарската јавност од бугарските политичари. Ние сме мултиетничка земја. Нашиот Устав и политичка традиција го имаат принципот дека сите сме еднакви и живееме во ист дом. Оваа наша политика не ја споделуваат сите земји во регионот – рече Димитров.

Околу обвинувањата за говор на омраза, тој рече дека владините претставници не шират говор на омраза, за разлика од Бугарија каде што во кампањата имаше изјави кои „можат да се интерпретираат како директни претензии кон Северна Македонија и како говор на омраза“. Димитров рече и дека бугарската политика не оди во прилог на пријателството, туку кон антагонизам.

– Вие го потхранувате тоа – ѝ порача Димитров на Захариева.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот