Кирјас: Случајот со приведениот дипломат во Србија не е само дипломатски, туку и државен скандал

Емил Кирјас / фото: ТВ 24/принтскрин

Поранешниот државен секретар во Министерството за надворешни работи, Емил Кирјас, во вечерашното гостување на телевизијата 24 рече дека приведувањето на македонскиот дипломат во Србија не е само скандал во дипломатијата, туку и скандал во државата.

„Тука се поставува прашањето како е можно Ерменија, односно трета држава да бара наш граѓанин со црвена потерница, а нашето министерство и обвинителство да не преземаат ништо. И треба да се напомене дека овде не станува збор за еден, туку за тројца наши дипломати. Едниот од нив е во притвор, но другите двајца се во нашата земја,“ рече Кирјас.

„Немаме информации како постапуваат МВР и обвинителството.Кога имате индиции дека ваш државјанин има потерница од Интерпол, а тоа го знаеле во МВР, логично е МВР да го информира МНР дека има дипломат кој се бара со потерница. Ова покажува дека нема никаква комуникација помеѓу институциите во државата – ако постои црвена потерница од тројцата, како тие воопшто излегле од државата? Што правеле државите низ кои тие поминувале? Сигурно Миленковски во Србија не влегол со дрон, тој поминал преку границата на Унгарија или преку Словенија и Хрватска, вели Кирјас.

Македонскиот дипломат Миле Миленковски, кој ја извршувал должноста заменик-шеф на македонската мисија на ОБСЕ во Виена, беше уапсен во Србија на крајот на август, по потерница распишана во Австрија, а под сомнение дека заедно со двајца други дипломати од МНР, учествувал во акција за извлекување на контроверзниот бизнисмен Левон Саргсјан од Ерменија, кој во својата земја бил обвинет за перење пари и други дела. Бизнисменот, кој и натаму е во бегство, инаку е брат на поранешниот претседател на Ерменија, Серж Саргсјан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот