Османи и без потерница суспендира уште двајца дипломати

Бујар Османи / Фото: Фејсбук, Бујар Османи

Суспендирани се дипломатските пасоши за другите двајца дипломати, едниот е пензиониран, а другиот е на годишен одмор, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со дипломатскиот скандал што го тресе МНР. Тој не ги кажа имињата на суспендираните, но ТВ24 дознава дека станува збор за дипломатите Владимир Сарафов и Стево Симски. Симски, заедно со Миле Миленкоски, по кого е распишана меѓународна потерница, беа уапсени во Србија кон крајот на август.

Министерот Османи на своја одговорност ги суспендирал дипломатите и тврди дека до МНР нема стигнато никакво известување ниту за Миленкоски, ниту за другите двајца.

–  Јас сè уште немам известување дали и другите кои што се спомнуваат имаат потерница, иако на моја одговорност ги суспендирав и двата дипломатски пасоши, иако тоа е само моја дискрециска одлука да ги суспендирам – изјави Османи.

Османи го најави ветингот со тоа што сите раководители во МНР, сите идни и тековни амбасадори во НАТО и во ЕУ-земјите, до петок ќе мораат да аплицираат за НАТО-сертификат, а доколку тоа не го направат, ќе бидат сменети.

Според Османи, случајот со приведениот дипломат Миле Миленковски е можност системот да го вратиме таму каде што му е местото и да го вратиме и зачуваме достоинството на ова важно Министерство и служба. Миленкоски, според Османи, уште во 2009 година е испратен во Детроит, каде раководел со крипто-заштитата, а потоа е преместен во Вашингтон, од каде Антонио Милошоски го преместува во Чикаго. Следниот министер го пратил во Виена, од тој по него го преместува од мисија во амбасада. Сите се раководеле по принципот дека има национален сертификат.

На прашање дали ветингот и другите издадени сертификати се валидни, рече дека единствен документ кој е стигнат во МНР, и тоа на десет месеци пред да дојде во МНР, е едно писмо од МВР во кое прашуваат дали овие тројца дипломати имаат дипломатски пасош и дали во 2018 година биле на службен пат.

– МНР одговара на тоа прашање и нема повратен одговор и нема повратен одговор ниту насока дека МНР во тоа време требало да постапи нешто во однос на тие дипломати. Едно барање е одговорено дека имаат дипломатски пасоши, не биле на службен пат во 2018 година и нема повратно. Ние немавме никакво известување дека има црвена потерница во МВР по однос на конкретниот дипломат сè додека не беше притворен. Мене ми е важно како министер – дали има сертификат, а штом го има, некој друг гарантира – рече Османи.

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од двоецот Димитров – Османи

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ поради „огромниот дипломатски скандал“ побара оставка на двоецот Димитров – Османи. „Извлекувањето на ерменскиот тајкун од Ерменија е правено со употреба на многу ресурси, и тоа не е изведено само од тројцата дипломати. Досега не е забележано дипломати да можат да изнајмат приватен авион“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Преку Фејсбук на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му возврати и поранешниот технички министер во полицијата Наќе Чулев.

„Додека јас бев министер, ниту еден од пиуните на Оливер Спасовски до мене не достави информација за каков било криминал од меѓународни размери, напротив, тие по негова насока правеа опструкции и вешто ги сокриваа скандалите. правени од него. Доколку сака вината во некого да ја побара, тоа нека го направи во кадрите поставени од Владата и лично од него“, одговори Чулев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот