Ѕвезда на македонскиот рокенрол која згасна на само 33 години — Влатко Илиевски денеска ќе го славеше 41. роденден
На денешен ден во 1985 година во Скопје е роден Влатко Илиевски, златното момче на македонскиот рокенрол.
Препорачано
Животот на талентираниот рок-музичар за жал, згасна прерано, на само 33 години. Беше познат како „рокерот со мека душа“, а неговата смрт многумина ги остави во неверување. Со неговото заминување, македонската сцена загуби уште еден голем талент и одличен музичар.
Илиевски својата кариера ја започна на почетокот на 2000-те и се стекна со голема популарност ширум македонската публика. Изведуваше музички композиции со поп и рок елементи.
Во 2011 година Влатко Илиевски ја претстави Македонија на Евровизија во Германија со песната „Русинка“. Пред да ја почне својата соло кариера, тој беше дел од музичката група „Морал“. Заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а дипломира со претставата „Гнев“ на Стивен Кинг.
На 12 годишна возраст тој започнал да свири на гитара во локалните скопски бендови. Првите посериозни почетоци му биле со групата „Мејд ин Маседониа“ во 2000 година кога освоиле две награди.
Во 2001 година, македонскиот рок-бенд „Морал“ го повикува Влатко Илиевски на аудиција. Истата 2001 година тие ги снимија своите први песни, а во почетокот на 2002 година пошироката јавност го запознава Влатко како пејач на бендот со инстант успешниот видеоспот „Мора да е кошмар“.
Веќе наредниот видеоспот на „Морал“ со големиот хит „Кога патувам“” го етаблира Влатко како следна голема музичка ѕвезда на македонското небо, и групата и Влатко ја добиваат „Златната бубамара“ за најдобар нов пејач.
Во 2003 година го завршија својот албум „Кога патувам“. Албумот е составен од песните: „Панично те сакам“, „Скопје“, „Ти си“, „Ова е Македонија“ и „А ти ме убиваш“. Во тој период тие се едни од најпопуларните изведувачи во Македонија иако свиреа хард рок, музички жанр кој никогаш не бил добро прифаќан од македонските медиуми.
Во 2004 година по издавањето на албумот „Морал“ ја добива наградата “12 величествени” на МРТ за група на годината во Македонија. Во 2005 година „Морал“ беше предгрупа на концертот на „Дип Прпл“ (Deep Purple) во Скопје. После неколкугодишна пауза во нивната работа поради сопствената соло кариера, со „Moрал“ Влатко Илиевски го снима и албумот „Кофеин Блуз“. При крај на 2017 година тие го издаваат албумот, а на почетокот на 2018 го прават нивниот последен заеднички концерт.
Неговите попознати песни се „Небо“, „Уште си ми ти“, „Со Други Зборови“, „Не те можам“, „Taка требало да биде“, „Сè што сакав после тебе“, „Сите ми се криви“, „Гушни ме“ , „Скитник“, „Најбогат на свет“, „Роза сина“, „Исцеление“, „Пак на старо“, „За љубов се пее до крај“, „Работнички шампионе“, „Среќа“ и „Есен“.
Влатко Илиевски беше и првиот македонски пејач кој ја наполни арената “Борис Tрајковски” со свој концерт.


