Ерменско-македонската „каша-попара“ продолжува

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Не знам кој на што се надева, но „ерменската афера“ со македонското „дипломатско“ замешателство е тука – и нема наскоро да си замине. Приказната е со компоненти на холивудски трилер во доменот на настаните што се случувале надвор од територијата на државава, а она што ја тангира Македонија е со елементи на домашниот жанр „институционален хорор“, во кој допрва останува да се уточнува кој и што знаел, кога дознал, и што преземал или одмолчил. И зошто?

Да се потсетиме…

Колку што може во овој момент да се заклучи, во основа, станува бзор за класичен криминален наратив што се случувал во Ерменија. Имено, таму во последните пет-шест години се одвиваат големи градежни инфраструктурни инвестиции, кои се мерат во милијарди евра на регионалниот „Пат на свилата“ за поврзување на северот со југот на земјата, а во времето што ја тангира аферата, ги „изведувало“ семејството на тогашниот ерменски претседател и (во два наврата) премиер Серж Саргсјан (на власт бил од 2008-2018) и „мрежата“ од добро распоредените негови блиски роднини, пријатели и соработници.

Еден од клучните луѓе во надзорот на изведбата на тие патишта е инженерот Бранислав Димитриевиќ, долгогодишен експерт за овој вид инфраструктура, кој работел во име на еден познат западен конзорциум (шпанско-белгиската компанија „Сафеге и Ептиса“) за надзор на градежните активности.

Невладината на Димитриевиќ

Деталите од самиот надзор се помалку битни, но факт е дека ерменските власти, по падот на Саргсјан од власт, по сомневања во 2018 година за нерегуларности во работата, отвораат разни истраги (вклучително и за братот Левон на поранешниот премиер), а во некој од тие контексти го приведуваат и го пуштаат да се брани од слобода и инженерот Димитриевиќ, додека трае истрагата за евентуалните злоупотреби.

Димитриевиќ – кој, покрај тоа што е носител на македонско државјанство, најверојатно поседува и хрватски пасош, а наводно располага и со поголем имот во таа држава – проценувајќи дека не му одговара да го чека исходот од истрагата, решава да си организира бегство од таа земја. За таа цел, низ еден елабориран план решава да регистрира невладина организација во Македонија  (нашите извори велат дека фејсбук страната на таа организација e “Здружение за еднаквост на децата – Насмевка“) која, како параван, ќе се занимава со статусот и проблемите на децата со аутизам, а ја поврзува македонската со активностите на слична таква организација во Ерменија (заднината на неговата вмешаност во таа ереванска организација сега не е важна, а постои), за да може, во погоден момент, да организира средба меѓу претставниците на двете организации.

За датумот на таа „невладина“ средба е избран моментот на одржувањето на големата евроазиска конференција во Ерменија (https://armenianweekly.com/2019/10/02/world-leaders-from-iran-russia-converge-at-eurasian-economic-summit-in-yerevan/) во 2018 година (со присуство на високи претставници на држави и влади во нивниот главен град, што веројатно е проценето како згоден „дефокус“ на тамошните власти од она што го подготвувала екипата за бегство), на која делегација од четворица претставници од Македонија – тројцата дипломати, плус уште едно лице, кое сега е уапсено во Ерменија, а било таму за да му го „позајми“ својот пасош на Димитриевиќ за излез од земјата, па кога по петнаесетина дена, откако пасошот по друго лице му го вратиле назад, се обидел да ја напушти државата, иако веќе еднаш се водел како „излезен“ од Ерменија – со приватно закупен авион (со српски екипаж) од Скопје заминува во Ереван.

„Дипломатска екипа за екстракција“

При влезот во Ерменија македонската „дипломатска екипа за екстракција“ се идентификува со своите цивилни пасоши (имено, граѓаните на Македонија вадат визи во Ерменија на самата граница, додека за дипломати е неопходна посебна претходна процедура), за да ги прикријат своите вистински намери, се среќаваат и со своите невладини „колеги“, а всушност му носат пасош на Димитриевиќ на име на вистински македонски државјанин (тој што подоцна е уапсен при обид за излез од земјата), со чија помош тој и неговите соработници (тројцата македонски дипломати) ја напуштаат земјата и се враќаат во Скопје.

Не е познато, освен патниците, колку други торби и куфери се пренесени на линија Ереван – Скопје, но може само да се претпостави дека авионот не се вратил без багаж оттаму. Впрочем, не е тешко да се претпостави дека нашиве дипломати сигурно „бесплатно“ не се зафатиле за оваа ризична авантура…

Во моментов, македонските власти го знаат идентитетот и локацијата на тројца патници на повратниот лет, но не знаат (?!) со кој пасош се идентификувал Димитриевиќ на влез во земјава – и каде сега се наоѓа. (Патем, ерменските истражни органи го имаат приведено граничниот полицаец што ја извршил „идентификацијата“ на Димитриевиќ на излезот од ерменскиот главен аеродром со пасошот што не е со негов идентитет и против него таму води соодветна постапка.)

Потоа почнува приказната со „црвената потерница“ на Интерпол и фактите околу тоа се веќе објавени: потерницата на 25 февруари 2020 година службено пристигнала во нашето МВР во времето кога со него раководи техничкиот министер Наќе Чулев, но каде завршила и што се случило со неа по заминувањето на Чулев од Министерството и доаѓањето на Оливер Спасовски на негово место, не е сосема јасно.

За околностите и личноста на уапсениот Миле Миленкоски во Србија, како и за неговата дипломатска кариера, многу колоритни детали се веќе објавени, но важно е да се напомене дека, според добро информирани извори од македонска страна, тој не бил главниот од тројцата дипломати што го извлекувале Димитриевиќ од Ереван, а сепак за него е распишана потерницата.

Дополнително, сега Миленкоски седи во екстрадикциски притвор во Врање, српските власти сѐ уште немаат добиено докази од Ерменија за целиот случај, а никој од Македонија официјално не го контактира, иако само до пред три недели беше наш висок дипломат регистриран во виенската мисија на ОБСЕ. Веројатно во Врање добил адвокат „по службена должност“ и којзнае кој и за што со него таму разговара…

Префрлање на одговорноста

Во меѓувреме, од моментот на апсењето на Миленкоски во Врање на 27 август годинава – што е „покриено“ со низа извештаи во македонските медиуми – до денеска, во државава се води една несфатлива „кампања“ од страна на различни институции и нивни функционери (министерства, Обвинителство, служби за безбедност, функционерски кабинети и други овластени адреси) за „перење раце“ од целата оваа афера. Се чини дека сите – вклучително и високи, бивши функционери од претходната власт – знаеле по нешто, барем за важни делови од целото ова „замешателство“, а се натпреваруваа(т) да си ја префрлат ресорната одговорност од еден на друг, пуштајќи половични и некоординирани информации во јавноста низ свои медиумски и други канали, што и произведе низа од непрецизности, погрешни информации, манипулации и „пробни балони“, белки во надеж дека аферата, некако, самата ќе „исчезне“ во предизборната (а и вообичаена) какофонија во нашата јавност.

Тоа, гледаме, не се случува. Напротив, нови, сочни продолженија веќе се во најава. Новинарите, со право, се растрчани на сите страни, а тоа го прават и сите други инстанци од „светот и полусветот“ на македонската политика, секој од свои легитимни или матни интереси.

Патем, бидејќи самата „ерменска афера“ се случува или вклучува разни држави (бегања, апсења, државјанства, поминувања граници итн.), којзнае колку странски служби во моментов (легитимно) ја следат целата компликација, со надеж дека и тие ќе ги авансираат своите интереси во целата оваа балканска „каша-попара“.

А, од сето она што досега се знае, се чини дека државата, иако ја пропушти шансата навремено и точно да ја информира јавноста за оваа голема непријатност, може дури и сега да излезе со квалификуван став и точна хронологија на настаните, бидејќи не може да се заклучи, од она што се знае, дека самата држава е замешана во аферата од Ерменија.

Според тоа, кому и зошто му одговара во сегашната власт за овој настан да се „тркалаат“ шпекулации, нагаѓања и „ишкање на мувата“ од сечија „капа“?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот