Дипломатите во земјите на НАТО први на листата за ветинг

фото: МИА

Со процесот на ветинг во дипломатијата, во делот што се однесува на пристапот до класифицирани информации, се опфатени лицата што имаат потреба од пристап до класифицирани информации на секојдневна основа заради извршување работни обврски и должности, велат за „Слободен печат“ од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

По барање на Министерството за надворешни работи (МНР), Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации почна да спроведува постапка на ветинг на вработените во дипломатијата. Прво ќе се „копа“ по минатото на дипломатите испратени во земјите членки на НАТО.

– Во врска со актуелниот процес на „ресертификација“ на дел од вработените во МНР, кои се ставени на приоритетна листа за издавање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации на НАТО, согласно со барањата и обврските што произлегуваат од членството на Република Северна Македонија во НАТО, од МНР до Дирекцијата се доставени вкупно 49 барања за издавање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации на НАТО – изјавија за „Слободен печат“ од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Оттаму додаваат дека тоа се лицата за кои во матичната институција е оценето дека треба да имаат приоритет на листата на проверки поради нивната неодложна потреба од пристап до класифицирани информации заради исполнување на работните обврски.

Од првичната контрола во Министерството, за тоа кој сè има безбедносен сертификат, произлегоа две отказни решенија за вработени во МНР, а на шест им е одземено правото да работат со класифицирани информации, бидејќи немавремено поднеле барање за нивно обновување. Од друга страна, 116 вработени во МНР, со уредно поднесени барања за добивање безбедносен сертификат, чекаат на одговор од службите дали ги исполнуваат условите да ракуваат со класифицирани информации, а 59 од нив уште од лани чекаат одговор од надлежните.

– За лицата што поседуваат безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации, по истекот на рокот на важност (10 години за степен „доверливо“ и „строго доверливо“ и 5 години за „државна тајна“), нивната матична институција поднесува ново барање за продолжување на сертификатот, и тоа шест месеци пред да истече неговата важност. За продолжување на безбедносниот сертификат се врши нова безбедносна проверка – објаснуваат од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

МНР го поведе ветингот како процес откако во Србија беше уапсен дипломатот Миле Миленковски, по кого имаше потерница од Интерпол за вклученост во нелегално извлекување корумпиран политичар од Ерменија. Овој случај го отвори и прашањето на функционирањето на внатрешната контрола во институцијата. Според закон, секоја институција е должна да има еден или повеќе офицери за безбедност на класифицирани информации.

Видео на денот