Адвокатот на Ацо Ѓукановиќ вели дека дел од оружјето е на Мило, антикорупционерите ќе го чешлаат поранешниот црногорски претседател
Правниот застапник на братот на поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ, адвокатот Никола Мартиновиќ, изјави дека Мило Ѓукановиќ поседувал оружје откако неговиот клиент во саботата бил сослушан во Основното државно обвинителство во Никшиќ поради сомнение за кривично дело недозволено држење оружје и експлозивни материи, објави „Вјести“.
Препорачано
Агенцијата за спречување на корупцијата (АСК), пак, соопштила за „Вјести“ дека поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ никогаш не ѝ пријавил дека поседува каков било примерок оружје регистриран на негово име или добиен како подарок.
Од Агенцијата најавиле дека ќе покренат нова постапка против поранешниот јавен функционер за да утврдат дали го прекршил законот.
„Дел од оружјето е на Мило, дел е наследено од покојниот татко“
Мартиновиќ изјави дека дел од пронајденото оружје му припаѓа на Мило Ѓукановиќ, а дел е наследено од нивниот покоен татко и за него, како што рече, постои документација.
На 28 февруари околу 2.30 часот по полноќ бил уапсен братот на долгогодишниот премиер и претседател на државата, по претрес на семејната куќа во никшиќката населба Растоци, при што биле пронајдени оружје и муниција.
По сослушувањето, полицијата го извела од обвинителството и го спровела во службено возило, додека насобраните извикувале „Ацо, Ацо“, а дел од присутните и „банда, банда“.
Од кабинетот на поранешниот претседател не одговориле на прашањата на „Вијести“ зошто во имотните извештаи низ годините никогаш не пријавил ниедно парче оружје.
„Со увид во извештаите за приходи и имот утврдено е дека на Агенцијата не ѝ е пријавено сопствеништво над оружје. Агенцијата ќе покрене постапка за утврдување на релевантните факти и докази, а јавноста ќе биде информирана по нејзиното завршување“, соопштија од институцијата.
Ацо е во притвор поради опасност од бегство
Бизнисменот Ацо Ѓукановиќ е задржан во притвор поради опасност од бегство, откако е осомничен за недозволено држење и носење оружје и експлозивни материи.
Според соопштението на судот, постои основано сомнение дека го сторил кривичното дело од член 403 од Кривичниот законик на Црна Гора, а судијата за истрага оценил дека постојат околности кои укажуваат дека доколку се најде на слобода може да избега и да стане недостапен за државните органи.
Полицијата соопшти дека при претресите во Подгорица и во Никшиќ биле запленети повеќе парчиња огнено оружје, над 400 куршуми од различен калибар, три празни шаржери, пет балистички панцири и двоглед „Зајс“. Меѓу пронајденото оружје се наведуваат ловечки карабини „Маузер“ и „М-48“, пушка „Брно“ со оптика, сачмарка, пиштол од непозната марка, како и „ЦЗ 99 ПАРА“.
„Дел од пушките му биле посветени на Мило“
Адвокатот Никола Мартиновиќ тврди дека дел од пушките имале посвета за Мило Ѓукановиќ, додека, пак, друг дел бил наследство од нивниот татко за кое, како што вели, постои документација. Тој нагласи дека одбраната очекува ДНК-вештачењето да покаже дека Ацо Ѓукановиќ нема поврзаност со спорните примероци, а муницијата и панцирите ги оцени како можен „остаток“ од обезбедувањето на МВР и АНБ, инсистирајќи дека станува збор за ловечко, а не офанзивно оружје.
Истовремено, полицијата потврди дека при претресите биле евидентирани и фотографирани луксузни часовници и документација.
Агенцијата за спречување на корупцијата претходно во два наврати утврдила дека Мило Ѓукановиќ доставувал неточни и непотполни податоци во имотните извештаи, вклучително и непријавена колекција од најмалку седум часовници вредни над 200.000 евра.
Дополнително, било објавено дека со години користел ВИП револвинг-картичка на „Атлас банка“ со вкупен промет поголем од 236.000 евра и повеќекратни готовински уплати над 10.000 евра.
По овие наоди, Ѓукановиќ ја тужел Агенцијата барајќи 5.000 евра отштета за наводна повреда на угледот, но тужбата во прв степен била одбиена, додека законитоста на одлуката сè уште се разгледува пред Управниот суд на Црна Гора.


