Абазовиќ: Тајната служба на Црна Гора незаконски следела опозициски политичари и новинари

Дритан Абазовиќ
Дритан Абазовиќ / Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ денеска откри дека црногорската тајна служба незаконски следела опозициски политичари, новинари и други лица од јавниот живот и како налогодавач го прозва Дејан Перуничиќ, поранешен директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Абазовиќ, кој е задолжен за безбедносниот сектор, на вонредна прес-конференција истакна дека информациите што ги прибирала тајната служба завршувале на порталот удар.ме што бил основан во пресрет на ланските парламентарни избори, а последната вест е објавена на 30 август на ден пред изборите.

Незаконски следеле политичари, новинари и јавни личности

Дејан Перуничиќ, поранешен директор на Агенцијата е налогодавач на незаконското следење на политичари, на новинари и на личности од јавната сцена, рече Абазовиќ.

– Сведоци сте дека новиот директор на АНБ, Дејан Вукшиќ поднесе казнени пријави пред неколку денови за злоупотреби во АНБ, а кои се во директна врска со незаконско следење на политичари, на новинари и други лица, што е спротивно на правилата на службата, истакна Абазовиќ кој додаде дека тајните податоци што ги поседува АНБ не се само податоци на Црна Гора, туку и на НАТО.

Идентитетот на следените новинари и медиуми останува тајна

Тој рече дека не може да открива идентитет на новинари и на медиуми што биле незаконски следени, бидејќи тоа е предмет на истрага.

– Обвинител доби документација. Кога ќе престане да биде тајно, граѓаните ќе добијат информација, порача Абазовиќ.

Сменетиот директор на црногорската тајна служба, Дејан Перуничиќ одби да ги коментира обвинувањата што ги изнесе владиниот потпретседател, нагласувајќи дека ги познава законите и „знае што значи тајност на податоци“.

Портал против неподобните на претходната власт

Порталот удар.ме со месеци во 2020 година целеше на политичари, на новинари и јавни личности, неподобни на претходната власт, прогласувајќи ги како соработници на странските служби и непријатели на државата.

Од тогашниот Директорат за медиуми во Владата на Црна Гора на новинарите им објаснија дека немаат информации кој е основач на порталот и оти нема налин да го откријат тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот