Фото: Монтажа-Принтскрин / „Икс“ / Фарс, Раша њуз

ВИДЕО | САД со нови удари врз Иран — Трамп им ги посвети нападите на убиените американски војници

Во новата размена на удари меѓу Иран и САД, Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападнала инфраструктура на американската компанија „Амазон“ во Бахреин.

Американската војска соопшти дека извела уште една серија напади врз Иран за „дополнително да ги намали“ неговите капацитети за напади врз бродови во Ормускиот Теснец, објави „Би-би-си“.

Ова е десетта ноќ на напади кои следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе го казни Иран поради смртта на американските војници.

Трамп претходно изјави дека Иран минатата ноќ бил погоден „многу силно, во чест на тројцата неодамна загинати американски војници“ – двајца во Јордан и еден во Ирак.

Како одговор на најновиот бран напади, Иран соопшти дека погодил два нафтени танкери во теснецот, како и американски воени објекти во Бахреин и во Кувајт, објави државната новинска агенција ИРНА. Претседателот Масуд Пезешкијан изјави дека Иран сега води „војна од целосен обем“ со САД.

Иран тврди дека нападнал инфраструктура на „Амазон“

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека нападнала инфраструктура на американската компанија „Амазон“ во Бахреин, пренесоа денеска државните медиуми.

Истовремено, Техеран соопшти дека двете страни и натаму разменуваат дипломатски пораки преку посредници, и покрај пропаѓањето на примирјето.

Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) објави на платформата „Икс“ дека во најновите напади биле погодени ирански „воени командни центри, поморски капацитети, локации за лансирање ракети и беспилотни летала, како и системи за противвоздушна одбрана“.

Америка на чекор до копнена инвазија на иранскиот остров Харг

„Трговските бродови и понатаму минуваат низ Ормускиот Теснец“

Трговските бродови продолжуваат да минуваат низ Ормускиот Теснец, соопшти ЦЕНТКОМ.

Иран наведе дека спасувачките екипи ги евакуираат екипажите од двата нафтени танкери што ги погодил додека се обидувале да минат низ овој стратешки воден пат, објави ИРНА.

Британската агенција за поморски трговски операции (УКМТО) соопшти дека танкер во Ормускиот Теснец пријавил оти бил погоден од непознат проектил, поради што екипажот го напуштил бродот и се префрлил во чамец за спасување.

Не е јасно дали танкерот за кој извести УКМТО е еден од оние што ги спомена Иран.

Во вторникот Пентагон ги објави имињата на двајцата американски војници загинати во иранскиот напад врз базата Мувафак Салти во Јордан: Изабела Гонзалес (19) и Тајлер Џејмс Фихан (25). ЦЕНТКОМ соопшти дека трет војник се водел како исчезнат, а потоа биле пронајдени неидентификувани останки.

Во меѓувреме, Јордан соборил три ирански ракети, Кувајт пресретнал беспилотни летала, а Бахреин пријавил напади врз системите за воздушна навигација без нарушување на сообраќајот.

Иранската агенција „Тасним“ објави дека американските напади погодиле повеќе ирански градови. Техеран тврди дека два танкери експлодирале на опасната јужна маршрута низ Ормускиот Теснец, но ЦЕНТКОМ ги отфрли овие наводи како целосно неточни.

Нападите меѓу САД и Иран продолжуваат, запалени се два танкери за нафта во Ормускиот Теснец

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот