Вејпинг предизвикал крвавење во белите дробови кај девојка: Лекарите тврдат дека никогаш не виделе такво нешто
Студентка од Барселона престанала да пуши класични цигари во август минатата година и почнала да користи уред за вејпинг со голем капацитет (овозможува до 30.000 вдишувања).
Препорачано
Девојката од 20 септември почнала да забележува промена во вкусот на ледената јагода што ја произведувал уредот, поради што престанала да го користи три дена подоцна. На 29 септември добила температура, кашлица и почнала да искашлува крв. На 2 октомври, таа била хоспитализирана со крвавење во белите дробови, објави шпански „Ел Паис“.
„За среќа, брзо се опорави. Таа е млада и, освен тоа, има многу добро здравје. Но, рендгенските снимки што ги направивме се зачудувачки. Никогаш не сме виделе нешто слично“, објаснил д-р Емилио Салгадо од Одделот за токсикологија на Ургентниот центар во Барселона.
Овој експерт го презентирал случајот во четвртокот на конгресот на Европската асоцијација на клинички токсиколози и центри за контрола на труења во Вилнус, Литванија.
Причината зошто случајот предизвика интерес на меѓународен научен форум од ова ниво е двојна. Првата е што станува збор за прв случај на EVALI – кратенката на англиски јазик за оштетување на белите дробови поврзана со употребата на електронски цигари или вејпирање.
Друга причина е што Салгадо сака да го охрабри, заедно со научната заедница, создавањето на европски регистар на случаи на EVALI, што би овозможило да се процени обемот на овој проблем со јавното здравје на континентот.
„Соединетите Американски Држави го дефинираа EVALI и воспоставија регистар во 2019 година по кризата што погоди илјадници луѓе. Но, во Европа, таков регистар не постои и веројатно е дека се случуваат случаи кои не се правилно дијагностицирани или документирани поради различните клинички манифестации и недостатокот на систематски регистар. Ова е недостаток што сега мора да го решиме“, рекол експертот.
Електронските цигари и уредите за вејпинг се промовирани од тутунската индустрија како помалку штетна алтернатива на класичните цигари. Сепак, научните докази сè повеќе го доведуваат во прашање ова тврдење, потсетува „Ел Паис“.
Пред сè, затоа што овие производи често стануваат влезна точка за класично пушење. Второ, затоа што нивната употреба предизвикува и штета што понекогаш сè уште не е целосно позната.
Предупредувањата за првпат се појавија во САД во април 2019 година, во државите Илиноис и Висконсин, кога болниците регистрираа нагло зголемување на приемите на млади, претходно здрави луѓе со сериозни респираторни проблеми поврзани со употребата на уреди за вејпирање. Според извештајот на американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), до 18 февруари 2020 година, во таа земја биле регистрирани 68 смртни случаи и 2.800 хоспитализации.
Иако 82 проценти од случаите биле поврзани со употребата на уреди добиени од канабис што содржат витамин Е ацетат и биле купени на нелегалниот пазар (улична продажба, онлајн продажба итн.), најмалку 14 проценти од пациентите тврделе дека користеле само легално купени уреди за вејпирање што содржат никотин. Сето ова доведе до воспоставување регистар и дефинирање на критериуми што еден случај мора да ги исполни за да се класифицира како EVALI.
Случајот од Барселона, во кој пациентта бил примена во единица за средна респираторна нега, е значаен бидејќи ги исполнува овие критериуми.
Во европската научна литература, претходно е пријавен само еден фатален случај во Белгија и неколку изолирани случаи со различна тежина во Франција, Италија, Исланд, Шведска и Велика Британија. Во 2020 година, за време на врвот на кризата во САД, турист од Чикаго, еден од најтешко погодените градови, исто така беше лекуван во Барселона.
Зборувајќи за случајот презентиран на конгресот, Салгадо истакнал:
„Пациентот користел уред за вејпинг 90 дена пред приемот во болница. Радиолошките снимки покажаа инфилтрати во двата белодробни крила, предизвикани од присуството на крв во алвеолите. И немаше друго веродостојно објаснување, бидејќи сите други тестови (микробиолошки, автоимуни итн.) беа негативни. Ова се трите главни критериуми што се користат во САД за дијагностицирање на EVALI.“
Хипотезата на експертот е дека промената во вкусот што ја забележала пациентката може „да укажува на дефект на уредот при загревање на течноста, што можело да го промени составот на аеросолот што го вдишувала, но причинско-последична врска не е можна“.


